Дехран Муратов на Конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста“ по повод одбележување на 20 годишнината на ЦИВИЛ, изјави дека во иднина предизвик ќе биде фашизмот и нацизмот, кој според него е во забрзан раст, пренесе ЦИВИЛ Медиа.
„Пред некој ден имав прилика да слушнам кога се зборуваше за правата на Ромите, ЛГБТИ+ заедницата, жените… и одеднаш слушнав едно мислење од некој дека некогаш со барањето нечии права се иритираат фашистите, односно се провоцираат, па дека ние треба да намалиме со зборувањето. Па ако намалиме ние да зборуваме, зошто сме тука? Тие треба да бидат свесни дека ние, колку и да им пречиме, ќе бидеме уште погласни. Ако не не слушаат имаме и мегафони за да не слушнат“, изјави Муратов.
Тој додаде дека ЦИВИЛ како организација е тука и за институциите да ја слушнат, дека доколку истите се глуви и неми за одредена категорија граѓан(к)и, ЦИВИЛ ќе вика и за нив.
„ЦИВИЛ е организација која мрази да биде административна. Повеќе би рекол дека сме прашинарска организација, односно пешадија. Ги расчистуваме мините на патот за да може некој да помине. ЦИВИЛ сме тие кои кога ги затворија децата да не протестираат против екстерното тестирање, ние бевме тие кои отидовме и рековме отворете ги вратите, а на тие што им пречеше тоа ни викнаа полиција. Потоа моравме да и објасниме на полицијата како да го подготви записникот против нас, оти не знаеа како…“, додаде Муратов.