Собраниската Законодавно – правна комисија на денешната седница заклучи дека нема потреба за давање автентично толкување за член што не постои, односно на членот 11 од Законот за помилување донесен во 1993 година.
Инаку, единствена точка на дневниот ред беше барањето за давање автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, поднесено од пратениците Сашко Костов и Диме Велков од СДСМ.
Во образложението пратеникот Костов нагласи дека основната причина била нивната убеденост дека во правниот поредок на нашата држава повеќе не постои членот 11 од Законот за помилување донесен во 1993 година, со кој претседателот на државата во одредени околности може да даде помилување и надвор од редовната постапка. Главната причина, потенцира тој, е донесената одлука од Уставниот суд да ја прифати иницијативата за оцена на уставноста на одлуката на поранешниот претседател на државата, со која го поништи помилувањето на 56 лица, кое претходно го имаше дадено, а со која, како што рече, се предизвикаа протести и формирањето на Шарената револуција и незадоволство од страна на граѓаните.
– Доколку Уставниот суд ја прифати иницијативата би можело да доведе до тотален пораз на правната држава, рече меѓу другото пратеникот Костов.
Според Ејуп Алими, пратеник и координаторот на пратеничката група на ДУИ, радува фактот што сите во државата се за сеопфатен ветинг на сите избрани лица, поаѓајќи од правосудниот систем.
– Селективна правда постои во државата, а сета оваа врева ќе продолжи бидејќи сме на прагот на предизборна кампања. Од ваквата селективна правда најонеправдани биле граѓаните припадници на албанската етничка заедница, рече Алими.
За иницијативата за автентично толкување на членот 11, тој појасни дека ДУИ смета оти не може да се бара автентично толкување за член што не постои и потенцира дека вистинскиот член 11 не постои поради тоа што е изменет во 2009 година, а потоа е укинат во 2016 година.
Пратеникот Фадил Зендели од БЕСА посочи дека поддржувал секоја иницијатива за борба против корупцијата, особено за високи функционери за кои има сомневања дека се инволвирани во криминал и корупција, истакнувајќи дека ветингот треба да го направи друга власт.
– Го изгубивте кредибилитетот да разговарате за овие теми, имавте можност и сите алатки на власта да говорите за криминал, а резултатите не се постигнати. Затоа ќе ја поддржам оваа иницијатива, изјави пратеникот Зендели и побара идната Влада да ги реши овие прашања.