пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Интересно, нападите на национализмот, насилството и примитивизмот годинава се случија на денови кога се слави писменоста. „Комити“ се покажаа вчера, на 8 декември, денот на Св.Климент. „Шверцери“ пред пар недели, на 22 ноември – Денот на албанската азбука.
Импонира храброста на хулиганите да ни ги „одбележат“ деновите на писменоста. Охрабрени се, затоа што во земјава редовно недостасува соодветна казна за нивното дивеење, насилство и омраза.
Сте забележале – стадионските хулигани во нашиот дел од светот, со повремени исклучоци, главно поминуваат без соодветни казни, иако нивните „резултати“ не се мерат веќе само во скршени глави, ребра или излози, туку во реални, човечки жртви, изгубени животи, растурени семејства и успешно потпалување на меѓуетнички тензии и вознемирување на илјадници граѓани.
И не само што поминуваат неказнето. Наместо тоа, кон граѓаните се испраќаат други сигнали. Ако „успееш“ на стадион, може да станеш успешен и во политиката, да се качиш на врвот на пирамидата на општеството. Ако се докажеш, нормално. Ако бидеш „ѓенерал“ на башибозук како Аркан во војните од бивша Југославија, „херој“ со меѓународна потврда од Судот во Хаг како Јохан од 2001ва, или барем јунак како Артан на Кале, на пример. Ако не погинеш – ќе се спасиш. Ќе станеш пратеник, бизнисмен, почитуван господин.
И додека главни фраери во општеството стануваат стадионските ликови, јавноста се „работи“ преку селективно известување, пропаганда, плукање и дискредитирање личности, а особено со релативизатори од типот „а каде беше ти да го осудиш..“, „зборуваш за овие, а ги забораваш оние“ и обратно. На кантар се става „големината“ на злото кое е суштински исто, но со различни резултати. Наместо да се фати во костец со вистинските виновници, главниот гнев се насочува кон они што без задршки се борат против омразата и насилството и кај „своите“ и кај „другите“.
Едните гледаат на едно, другите на друго око. А рационалните и умни луѓе кај сите балкански народи се кабает. Оти не го осудуваат, тоа што друг го произведува. Се притискаат гласните, оние што знаат, писмените. Се додека не замолкнат, не се повлечат. Преку нивниот пример, се разбира, се замолкнува општеството. Се додека не се определиме, секој на „своја“ страна. За тоа време, хулиганите ни слават денови на писменоста.
Во врска со стадионското насилство и национализам, две опции се пред нас, драги сограѓани. Можеме да тргнеме по патот на развиените, модерни земји. Да го примениме англискиот и италијанскиот концепт, и да се справиме брзо, остро и институционално со хулиганите како што се справија овие земји по кобниот инцидент на европското финале Јувентус – Ливерпул на бриселски Хејсел во 80тите. Рецептот, очигледно, функционира одлично.
Втората опција е да продолжиме со нашиов, балкански рецепт. Да продолжиме да ги користиме стадионите како инкубатори за создавање национализам и регрутирање на партиски војски. Да ги користиме тие војски за создавање на меѓуетнички тензии и инциденти, за топовско месо во воените ровови, за создавање на херои на национализмот и омразата, за повеќе крв, жртви, насилство, поделби, страв меѓу луѓето. Тоа што попатно ќе го уништиме спортот, приходите од публиката и ќе ги отстраниме сите ненасилни луѓе од спортските трибини, е само резултат плус.
Изборот отсекогаш бил и ќе биде наш. Имаме импресивни резултати градење на заедништвото меѓу нашите различни заедници, ги победуваме мразачите на многу полиња, но сè уште немаме ефикасна борба против хулиганизмот и национализмот. Ефектите покажуваат дека очигледно сме сè уште ранливи и кршливи токму на ова поле. Тоа добро го знаат и оние што сакаат да го срушат нашето општество, но и ние.
Време е нешто суштински да направиме, оти сме на крстопат, кога избираме по кој пат ќе фатиме…Повеќе засега нема да ви каже младичот, белким ќе ви текне… не ни е сефте.