Македонскиот народен театар од Скопје настапи на 8 декември на Големата сцена со претставата „Животот е убав“, по текстот од „Самоубиство“ на Николај Ердман, адаптиран и режиран од Александар Морфов.
Протагонистот на оваа црна комедија, мал, обичен човек кој има свој посебен став кон животот кој не е оптоварен со големи идеи, но со реалниот живот во својата примарна форма – Семјон Семјонович Подсекаљников, на маестрален начин го играше Никола Ристановски.
Во големиот ансамбл од МНТ настапуваат: Николина Кујач (Марија Лукијанова), Ѕвезда Ангеловска (Серафима Илинична), Сашко Коцев (Александар Петрович Калабушкин), Тања Кочовска (Маргарита Ивановна), Емил Рубен (Аристарк Доминикович Гранд-Скубик), Гораст Цветковски (Виктор Абрамович), Славиша Кајевски (Сергеј Александрович), Благој Веселинов (Григориј Пугачов), Александар Ѓорѓиоски (Алексеј Стаканов)…
Избор на музика е на режисерот, сценограф е Никола Тороманов, костумите ги изработи Марија Пупучевска, а кореографијата е на Инга Красовска.
Морфов не направи парче за самоубиство, не за смрт, туку за еден човек што го открива животот и колку е навистина убав.
Овој слоевит, смешно тажен и раскошен настап, за човек кој се спушта во пекол за да сфати дека животот е многу скапоцен, доби многу добар прием од белградската публика која со овации ја награди целата актерска екипа, пишува narodnopozoriste.rs.
На драгите гости од Скопје, менаџерката Ивана Вујиќ, како што нагласи – со голема љубов, им го предава „Печатот на Народното позориште“, кој во името на ансамблот го прими Никола Ристановски.
Ј. Ѓ.