Владата денеска на затворена седница ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори на нашата земја на следните дестинации Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг, пишува МИА.
Листата ќе биде доставена до Претседателот на државата Стево Пендаровски.
Првично на листата биле 21 кандидат, но утврдени се 19, бидејќи за двајца кандидати треба да се завршат дополнителни чекори.
Заев во обраќање на дебатата „Патот до членството во НАТО: Од изолирана до интегрирана земја“ на Филозофскиот факултет во Скопје истакна дека новиот дипломатски претставник во седиштето на НАТО во Брисел ќе биде и првиот амбасадор на Северна Македонија, како на земја членка на Алијансата.
Премиерот најави дека предлозите за новите амбасадори денеска ќе бидат доставени до претседателот на државата, кој ќе треба да одлучи за нивно именување.
Нов амбасадор во Брисел ќе биде досегашниот советник на Заев за надворешна политика Дане Талески, како што брифираа од Владата.