Потпретседателката на невладината организација „Меѓународен сојуз“ на Боки 13, Јасна Мандиќ, денеска е на распит кај обвинителката Вилма Рускоска во врска со сомненијата за измама и перење пари во проширената истрага за случајот „Рекет“, пренесе МИА.
Се очекува утре во Обвинителството исказ да даде и пратеничката Фросина Ременски.
Ременски и Мандиќ минатата недела извршија увид на доказниот материјал што го поседува Обвинителството, а тоа го направи Христина Блажевска, асистентка на Боки 13.
Овој дел на истрагата, која Обвинителството ја отвори на 9-ти октомври против пет лица, се однесува на измамите со изградба на центри за возрасни лица, за кои беа барани пари од бизнисмените Силјан Мицевски, Ардијан Амзоски и други.
Од Обвинителството соопштија дека врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дошол до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 до април 2018 година, првоосомничениот Боки 13 како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво.
-Тој лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација, информираа од Обвинителството.