Подготовката на Националната стратегија врз основа на анализата на ризици е во тек. Согласно утврдените ризици во анализата, правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб (судиите и јавните обвинители) ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 година.
Ова е одговорот од претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска на прашањето од МИА за повикот што вчера од трибината „На прав пат“ во Скопје го упати премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев до ДКСК да отвори постапки за проверка на имотот на судиите и обвинителите, а УЈП, Катастарот, Централниот регистар, МВР и Финансиската полиција уште овој месец да почнат проверки на имотот на судии, обвинители и членови на нивните семејства.
Таа повтори дека ДКСК веќе има изградено став по тоа прашање и согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси усвојува Годишен план за наредна година, за следење на имотна состојба и судир на интереси, врз основа на извршена анализа и проценка на ризици од корупција во одредени области, што е и основа за изготвување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Годишниот план ќе се утврди и ќе се спроведе врз основа на законските надлежности, а согласно расположливите човечки и материјално – технички капацитети на Државната комисија.