ФОТО: Лидер
Уреден е предлогот за референдум за депонија во Неготино, следува собирање на 3.200 потписи, па референдумско изјаснување на неготинци по ова прашање. Претседателот на Советот на општината, Диме Витанов информира дека испратил известување до Сашко Тодоров како овластен предлагач, на предлогот за покренување на граѓанска ницијатива за распишување референдум на локално ниво, пренесе МИА.
-Согласно важечките законски прописи односно Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, предлогот го разгледав и во законски определениот рок го известив овластениот предлагач дека предлогот е уреден. Сакам да ја искористам можноста да споделам со јавноста дека како претседател на Советот на општина Неготино, како личност и како претставник на политичката партија СДСМ, ги почитувам и поддржувам сите облици на демократско изјаснување на граѓаните на нашата општина, вели Витанов.
Тој повторува дека не постои можност да се донесе одлука, која ќе биде во спротивност со интересите и волјата на граѓаните на општина Неготино.
-Како локална власт, целокупното наше работење го базираме на потребите на граѓаните и согласно законските прописи во нашата држава. И од тоа нема да отстапиме, дециден е Витанов.
По најавата дека близу Неготино се планира изградба на депонија за инертен индустриски неопасен отпад, реагираа неготинци кои стравуваат за здравјето и околината. Биолошкиот инжењер Сашко Тодоров, претседател на Здружението на граѓани „Ековита”, покрена иницијатива за референдум по ова прашање.