На првиот ден од низата демонстрации, протестот на 5 мај 2015 година, кој започна под мотото „Стоп за полициската бруталност“ поттикнат од „бомбите“ за убиството на Мартин Нешкоски полицијата на „режимот“ ја извади маската и им покажа на граѓаните колку е навистина брутална. Овој пат удри по најмладите, студентите, двигателите на промени за подобро утре.
На веќе разгорените демонстраци кои спонтано го собраа народот на улиците на градот, кога Скопје „гореше“ за правда за младиот Мартин, подебел крај извлекоа студентите. Вечерта во библиотеката „Браќа Миладиновци“, Единицата за брзо распоредување (ЕБР) попознати како „желки“ влегоа во читалната и тепаа студенти сметајќи дека „насилните“ учесници во протестите се кријат таму. Нивното оправдување беше „никој не спрема испит после 11 часот навечер“.
Студентскиот пленум на својата официјална Фејсбук страница објави видео на кое се гледа како неколку специјалци насилно влегуваат во читалната и барале демонстранти од протестот за Мартин Нешковски.
„Полициската бруталност мора да престане! Ова нема да помине неказнето!“, стои во објавата на Пленумот. Тие алармираа дека невини студенти биле тешко ранети и повредени за што објавија и дополнително видео.
https://www.youtube.com/watch?v=PZtO0a9TAVM&feature=emb_logo
МВР на прес – конференција излезе со информации за протестите што се случуваа пред Владата. Според нив, епилогот од протестите е 38 повредени полицајци од кои шест се задржани во болница, како и еден повреден цивил, додека 30 лица се лишени од слобода од кои двајца малолетници кои по разговорот со службено лице се пуштени дома, а идентификувани се 12 лица кои учествувале во нападот врз полицијата.
Тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска изјави дека полицијата не ги пречекорила своите службени овластувања на протестите пред Владата, кога ја разбиле толпата во три правци кон околните булевари. Според МВР, повредени биле само полицајци.
„Полицијата бркајќи ги демонстрантите, влезе во библиотеката „Браќа Миладиновци“, направи паника, почнаа да маваат по маси, по столчиња, да влечат луѓе надвор. Се создаде тензија во толпата, имаше повредени не можам да гарантирам од што, дали е од удар на полиција, од оградата, не можам да гарантирам, ама имаше деца кои беа повредени, полесно, но имаше повредени“, изјави Стефан Дојчиновски, студент кој бил во читалната.
КАКО ПОЧНА ПРОТЕСТОТ ПРЕД ВЛАДА 5 МАЈ 2015
На социјалните мрежи почна да се шири повикот за излегување на протест во шест часот пред Владата, по што граѓаните излегоа на улица. Пред Владата првично немаше повеќе од 200 до 300 луѓе, за постепено оваа бројка значително да се зголеми. Барикадата први ја поминаа братот на Мартин, Александар Нешковски и неговата мајка, кои беа туркани од полицијата да се повлечат, по што граѓаните започнаа да ја прескокнуваат оградата, која потоа беше растргната, набргу полнејќи го целиот двор на Владата.
Се маваше со јајца по барокната „торта“ како што ја нарекуваа демонстрантите и се протестираше долго во ноќта, се додека не започна полициска акција за разбивање на протестите, по која следеа масовни апсења. Освен апсењата и бркањето демонстранти по скопските улици, ноќта полицијата дури влезе и во универзитетската библиотека за да бара демонстранти, бидејќи „никој не спремал испит во 11 навечер“.
Ден по протестите пред Владата по објавувањето на информациите на опозицијата за убиството на Мартин Нешкоски и за наредните денови се најавуваат слични протести, а по социјалните мрежи има информации дека и во други градови ќе има протести, при што се споменуваат Прилеп и Битола. Потоа протестите земаат широк замав и се одржуваат по повеќе македонски градови, а убиениот Мартин стана симбол на борба за правда и граѓанско движење за демократски промени од кои се роди и „Шарената револуција“.
СУДСКИ ПРОЦЕСИ
Во судовите се водат случаите против студентите кои протестираа на 5 мај, 2015.
„Според сознанијата на Хелсиншкиот комитет, има прекршочни постапки за непочитување на наредба од страна на службено лице, кои беа поведени за околу 24 лица, иако нема информација дека е одржано рочиште. Една постапка се води за малтретирање во вршење во служба против полициски службеници поради прекумерна употреба на сила за протестот на 5-ти мај 2015 година, но Јавното обвинителство и по 2 години од доставување на кривичната пријава нема доставено известување дали е отворена истрага. Еден предмет се води за телесна повреда против полициски службеник за протест после 5 мај, и таа судска постапка е во тек“, велат од Хелсиншкиот комитет во ноември 2017 година.
И.Т.З.