Да господинот Мицкоски ако дојде на власт ќе го поништи Договор и со Грција, односно Преспанскиот договор и ќе го поништи Договорот со Бугарија. Но затоа нема да дојде на власт и тоа не е возможно, рече премиерот Зоран Заев коментирајќи ја изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека доколку неговата партија обезбеди 80 пратеници во Собранието ќе пристапи кон менување на Преспанскиот договор и враќање на старото уставно име, пренесе МИА.
-Ова не се работи за кои што треба да се шегуваме. Навистина работите се сериозни колку што беше тешко и беше потребна неопходна храброст да се донесат сите тие одлуки. Со иста тежина, храброст, одлучност и одговорност треба да се пристапува и кон иднината на овие прашања, рече Заев во одговор на новинарско прашање по денешното потпишување на Договор за државна помош со бугарската софтверска компанија „Скејл Фокус“.
Додаде дека не се сомнева оти ВМРО – ДПМНЕ ако дојде на власт ќе направат се за да го поништат Договорот, но истовремено чесно треба да им кажат на граѓаните дека тоа ќе не врати надвор од ЕУ и од НАТО, дека ќе не скара повторно со соседите и ќе има рефлексии врз економијата и врз целиот регион.
-Го гледам (Мицкоски) во сите интервјуа вели јас се нарекувам Македонец, зборувам македонски јазик и ќе ја нарекувам државата Македонија. Јас како Зоран Заев исто така ја нарекувам државата Македонија, сум Македонец и зборувам македонски јазик, но како претседател на Владата согласно Уставот и согласно законите ја нарекувам државата Република Северна Македонија, а јас сум Македонец кој зборува македонски јазик. Ако не дај Боже еден претседател на Влада, кој и да е, не го употребува уставното име на државата – Република Северна Македонија треба да знае што следува и тој, а треба да знаат и граѓаните, истакна Заев.
Тоа, како што нагласи премиерот, значи нова горчина преку ново вето, кое веднаш ќе ни се испорача и ќе бидеме повторно блокирани и ќе чекаме 15 години како кандидати за повторно некој да дојде и да ги врати работите во нормала.
Посочи дека треба да кажат тоа што го најавуваат што ќе предизвика и како ќе гарантираат членство во НАТО и во ЕУ со вакви ставови.
– Јас мислам дека и една најмалата политичка партија во државата да биде избрана недозволиво е вака да се постави. Недозволиво е колку и да се биде алчен за власт, да се има желба за победа, за повеќе гласови и слично. Се работи за граѓаните и за нашата држава. Ние ги исполнивме двете стратешки цели, еве сме членка во НАТО, а верувам брзо и ќе почнеме преговори со ЕУ, рече премиерот.
Овие наши стратешки цели, како што истакна, носат економија, инвестиции и градат пријателство.
-Пријателството што го изградивме верувам дека меѓу другото придонело многу други компании да инвестираат. По Договорот со Бугарија имаме неколку инвестиции од бугарски компании во металуршката, рударската, преработувачката,… сите тие се со таргет на отворање на повеќе од 3.000 места и затоа е многу важно да бидеме сериозни во политиката, истакна Заев.