Во 2020 година Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО. За нас, комплетирањето на техничкиот процес за полноправно членство во Алијансата, последната ратификација од страна на шпанскиот парламент е приоритет, иако тоа не зависи директно од нас. Сега е потребно како држава да покажеме дека доколку од нашите сојузници бараме да бидат максимално посветени на завршувањето на интерните процедури, и ние дома знаеме да си ја завршиме нашата домашна задача. Нашиот парламент треба да биде подготвен, без оглед на изборните процедури, да се состане и да го круниса со успех тридеценискиот стремеж на генерации македонски граѓани.
Ова е пораката од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за МИА, во кое говори за сработеното во нејзиниот ресор, за предизвиците со кои се соочиле во одбраната, но и за приоритетите во новата 2020 година.
Таа најавува дека 2020-та ќе биде уште поинтензивна, но и година во која ќе се видат резултатите од сето она што е постигнато годинава.
Првиот предизвик, според неа, бил да се врати членството во НАТО на функционален колосек.
– Единаесет години чекавме ВМРО-ДПМНЕ да нè внесе во НАТО. Не успеаја. Сега, кога тоа го обезбедивме за само 2 години, повторно сакаат да ја блокираат државата. Изгледа дека за нив, „чмаењето“ во чекалницата на НАТО и на ЕУ е најдобро сценарио. Само така можат државата да ја држат заробена, преку стравот на сите граѓани и корупцијата на нивните функционери, вели Шекеринска.
Во таа насока додава дека двотретинското гласање за Законот за одбрана е гласање за НАТО, а блокадата на овој закон, смета, разјаснува зошто земјата 11 години стоеше во место. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ вели дека е за НАТО и за ЕУ, а всушност е активно против. Наместо да гласа за Законот и со тоа да ја активира безбедносната заштита на најмоќниот воено-политички сојуз за својата држава, ВМРО-ДПМНЕ, потенцира, блокира.
Во интервјуто за МИА, Шекеринска говори и за зголемениот буџет на одбраната за 2020 година, што е скоро 100 проценти поголем од оној во 2017-та, за зголемените плати за 16 проценти, за професионалните војници кои од март ќе имаат над 30.000 денари – рекордно покачување од над 50 проценти, за само две години.