За да се потпише колективниот договор во културата мора да биде завршена нивелацијата на платите. Работејќи со Синдикатот, службите имаат голем напредок, но нивелацијата треба да ја дозавршат за да има правичност за сите – и во самите институции, но и заради правичност на професиите надвор од нив. Верувам дека договор може да се постигне и секој да ги заврши своите работи, изјави премиерот Зоран Заев за предупредувачкиот штрајк што денеска во установите од културата го организира Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ).
Соопшти дека утрово имал состанок со министерот за култура и со националниот координатор за култура и дека по штрајкот ресорниот министер ќе може да разговара со вработените вклучени во протестот за сите детали околу постигнување на колективниот догоор што го очекуваат.
– Оваа Влада еднаш направи нивелација во 2018 година и е веќе крената. Сакаме со колективниот договор да ја заокружиме и да ја завршиме. Тоа што се бара од Синдикатот е зголемување на платите за некои 20 порценти, но притоа нивелацијата мора да биде завршена до крај. Зборуваме за нивни барања, можностите од државата после ќе се разговараат. На пример, ако кустос доктор на науки зема еднаква плата со тон-мајстор, тоа не е во ред, а такви примери сè уште постојат во културата. Да постигнеме фер состојба за сите, а нивелацијата треба тоа да го реши. Апелирам секој да го заврши својот дел за да се постигне потпишување на колективниот договор. Ние сме подготвени, зашто колективниот договор не е важен само заради платите, туку е важен за многу придобивки во културата, истакна премиерот Заев.
Посочи дека и за покачување на платите на воспитувачите и на негувателките, како и на вработените во центрите за социјална работа, претходно била завршена нивелацијата, а параметри на нивелацијата, рече, исто така биле утврдени и во образованието со одделување на носители на дејност (учител, наставник, професор), стручни служби (дефектолог, педагог, психолог, социјален работник) и администрација.
Премиерот додаде дека наскоро ќе биде донесен и законот за култура кој до сабота ќе стигне на владина седница, нагласувајќи дека сè што се очекувало и се бара од работниците во културата поприлично го исполнуваат.