СДСМ објави дека, следејќи ги модерните трендови и практиката на државите од Европската унија, одлучи наредниот период да ги започне сите процеси и активности за официјализирање на електронскиот спорт т.е. гејмингот како официјална категорија спорт. Ова го соопшти Ѓорги Тасев, посебниот советник за млади и спорт на премиерот на трибината на СДСМ: „Агенда спорт 20-24“ (видео линк) што се одржа во С. Ц. Борис Трајковски, во Скопје.
Токму ИТ секторот, дигиталниот свет , сајбер просторот оставаат можности за ширење на електронскиот спорт. Тој потенцираше дека на ова ќе претстои широка дебата, вклучување на сите гејмери и заинтересирани страни со цел да се даде еден поинаков правец во развој на државата, како на економски, така и на спортски план.
„Е-спортот е глобален феномен кој го трансформира учесникот од пасивен гледач во активен играч и во моментов не постојат граници кои ќе запрат неговиот развој“ – изјави Тасев.
Инаку, не случајно, првата содржина посветена на спортот, првиот ден од постоењето на ФРОНТЛАЈН е посветена токму на е-спортот (гејмингот). Како портал што ги поддржува прогресивните политики во земјава и во светот, особено тие што се однесуваат на интересите на младите, овој спорт секогаш ќе биде застапен на нашата „спортска фреквенција“.