Сè уште немаме одлучено кој ќе биде технички премиер. Кон крајот на неделата ќе имаме состаноци, рече во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободен печат“, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Околу можното пролонгирање на изборите во контекст на влез на земјава во НАТО, Спасовски за Утрински брифинг, вели дека тој услов мора да биде задоволен пред одржување на изборите.
Тоа што е кажано, посочува Спасовски, е факт во услови кога важни законски решенија се закочени без никаква причина.
„Не знам колку тоа предизвика негативни и позитивни реакции, но тоа што беше кажано е факт во услови кога имате најважни законски решенија да бидат закочени и без никаква причина. Меѓутоа, сметам дека сите овие разлики треба да се надминат и доколку се надминат немаме проблем изборите да се одржат на 12 април и да одиме во предвидениот термин“, рече министерот Спасовски.
Премиерот Зоран Заев пред неколку дена рече дека можно е одложување на предвремените парламентани избори кои треба да се одржат на 12 април, следнаат година.
„Суштинските закони ако предизвикаат кочење на пензии, на социјалните трансфери, на покачувањето на платите, тогаш изборите може и да се одложат. Тоа денеска не го испраќам како закана. Одговорноста на секој пратеник, дали од власта или од опозицијата, е одговорност и на Владата и на локалната самоуправа и на сите кои плата земаме од граѓаните“, вели Заев.