По десетина работнички – нови мајки, во изминативе девет месеци ја искористиле поволноста што ја овозможија повеќе компании, вработените што отсуствувале 9 или 15 месеци (доколку имаат близнаци) поради бременост и раѓање, во следните три месеци по враќањето на работа да работат половина работно време, а да земаат плата како за цело работно време.
Последна во низата компании кои ја воведоа оваа практика е „Дуна“, а иницијативата ја покрена „Витаминка“, по што се приклучија „Европа“, „Макпрогрес“, „Рептил“, „Фитофарм“ „Зур“ и „Дим маркети“, пред девет месеци.
– Водејќи се од светските истражувања и трендови, со што се повеќе потврдува дека продуктивноста е многу зголемена кај лица кои работат со пократок број работни часови или пак помалку денови во неделата, сигурни сме дека ваквата промена ќе вроди со плод и ќе биде полн погодок и за нас како компанија, но и за самите вработени – велат од „Дуна“ за Фрoнтлајн.
Според нив, ваквата одлука е резултат на долгогодишна заложба за континуирано подобрување на условите за работа и верувањето во идејата дека само среќните вработени ќе придонесуваат максимално во секојдневното работење. Од „Дуна“ појаснуваат дека нивната мерка се однесува за период од една година по породувањето.
– За сега сме среќни, бидејќи докажавме дека ваква одлука вроди со плод. Со оглед на тоа што поголемиот број вработени жени се млади, се надеваме дека поволноста ќе имаат можност да ја искористат повеќе лица – додаваат од „Дуна“.
Во моментот, во фирмата две мајки ја користат оваа поволност.
– Првичната реакција беше одлична, а ние добивме продуктивни и помотивирани вработени од кога било – додаваат од „Дуна“.
Во „Витаминка“ пак, откако е воведена мерка од средината на март 2019 година, се до денес бројот на вработени кои ја искористиле се пет млади мајки.
– Целта за воведувањето на оваа практика и поволност за вработените, пред се, беше во насока на поставување на бaланс помеѓу приватниот и професионалниот живот на мајките, несомнено дека младите мајки ја чувствуваат благосостојбата и грижата која ја нуди компанијата за нив, велат од иницијаторот „Витаминка“ за Фронтлајн.
– Откако ја воведовме мерката неколку жени ги искористија поволностите. Десетина жени по завршување на породилното отсуство доаѓаа по четири часа на работа, земаа плата како да работат полно работно време. Некои и сами не потсетуваа, ако сме ги заборавиле. Секако, имаше и такви кои ја искористија поволноста и потоа дадоа отказ, но со оглед на тоа што во фирмата имаме повеќе од 300 вработени, се очекуваат секакви ситуации. Ние продолжуваме да ја спроведуваме оваа поволност и понатаму, за следните наши трудници – вели Даница Блажеска, директорка на „Рептил маркети“.
Оваа самоиницијативност беше препознаена и од владата, па премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во март им врачија признанија на првите луѓе на шесте приватни компании кои први воведоа бенефиции за нивните вработени што се враќаат од породилно отсуство.
Заев смета дека ова е прекрасна иницијатива на македонски компании и претставува одличен пример како и инспирација за сите други компании во државата.
Сепак, како што појасни тогаш, оваа иницијатива не може да се спроведе во јавниот сектор, бидејќи во тој случај, буџетот на Фондот за здравство треба да се зголеми за 30 отсто.
На средбата со компаниите тогаш, била разгледувана и можноста да се воведе и рамноправно породилно боледување и за татковците, како и за комбинирани делови на породилно боледување на мајките и на татковците.
– Да бидeме искрени, не сме размислувале дали оваа мерка во блиска иднина би се проширила и за татковците, но во секој случај како компанија која голем дел од времето посветува за поттик на задоволството на своите вработени, не се исклучува можноста овие бенeфити да ги користат и младите татковци – одговорија од „Витаминка“ за Фронтлајн.
Б. Богдановска