Осумдесет и седум години има најстариот пензионер кој посетува курс за изучување на компјутерски вештини, англиски јазик и работа со паметни телефони, во рамките на Здружението на пензионери во Кавадарци.
Како што информираше за МИА претседателот на Здружението Ристо Анѓушев, 50 пензионери изразиле интерес за вакво нешто. Поделени се во две групи. Се решиле на ваков чекор бидејќи сметаат дека никогаш не е доцна за учење, а човекот учи додека е жив.
На одлуката влијаел и фактот што многу од постарите лица живеат сами бидејќи нивните помлади блиски заминале во странство, па се заинтересирани за компјутерски вештини и англиски јазик, за да може да комуницираат со нив преку интернет. Други пак, поради осаменоста, се заинтересирани за социјализација со општеството преку социјалните мрежи.
– Активностите ги спроведуваме во соработка со проектот „Трето доба“ на организацијата „Афродита Бела“ од Кавадарци. Проектот се реализира во склоп на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан, финансирана од ЕУ, а ја организира Програмата за развој на Обединетите нации, соопшти Анѓушев.
Ова Здружение брои 6.500 семејни и старосни пензионери од Кавадарци и Росоман. Анѓушев нагласи дека за своите членови кои во голем дел се многу активни во различни секции и освојуваат награди, обезбедуваат поволности при бањско лекување, вакцинација и слично.