Црногорското Министерство за надворешни работи денеска го зголеми степенот на заштита на своите амбасади во Белград и Љубљана по судирите што беа предизвикани поради новиот Закон за слобода на вероисповедта што Српската православна црква го смета за грабање на нејзиниот имот.
Откако црногорскиот Парламент го прифати законот за слобода на вероисповедта, пред црногорската Амбасада во Србија на 27 декември се оддржа протест на кој собраните се обидоа со помош на пиротехника да го запалат црногорското знаме, а на 28 декември беше украдена таблата на Амбасадата во Љубљана на која пишуваше „Амбасада на Црна Гора во Република Словенија“.
-По повод овие случувања во тек е редовна комуникација со надлежните органи на Република Србија и Република Словенија. Согласно релевантните проценки на безбедносните служби, степенот на заштита на објектите на амбасадите е кренат на повисок степен, соопшти црногорското МНР.
Оттаму наведуваат дека по инцидентот дипломатскиот персонал во амбасадите ја информирал полицијата која извела увид и ги засилила мерките за безбедност на амбасадите во Белград и Љубљана.