коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Изгледа наивно, како жабата кога видела како коњите ги потковуваат, па и таа кренала нога, но не е. Едноставен, провиден и подеднакво валкан пропаганден трик е неговото најново видео. „Државников“ се јави, кутриот, и тој со новогодишна порака. Како што предупреди и колегата Љубиша Арсиќ на социјалните мрежи, се работи за „класичен видео маркетинг (предизборен) спот кој денеска успешно им го подвалува на телевизиите“.
Намерно или не, уредниците ја лапнаа оваа најнова пропагандна јадица на Мицкоски. Неговата порака се најде во истата низа како и пораките на тие што, според функцијата, имаат и право и обврска да се обратат во име на институциите што ги водат – претседател на државата, на владата и на Собранието.
Ова „потковување“ на жабата (Мицкоски), уште еднаш ја покажува природата на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, но и нивото на разбирање и критичко размислување на тие што ги водат медиумите. Ова не значи дека не треба да му се придаде значење, но никако во формат и на место што го добива во медиумите. А, бидејќи се работи за политички маркетинг, најдобро е да се игнорира или, едноставно, да се наплати емитувањето на ваквите пропагандни видео спотови.
Се разбира, ова не важи за пропагандните мегафони на режимот кои се сѐ уште прилично активни и преполни со пари.
Сѐ на сѐ, валканата пропагандна машинерија функционира и во последните часови на оваа година и може да се очекува само нејзино уште пожестоко разработување уште во првите минути од новата, изборна година.