Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска треба да одржи прес-конференција, по која се очекува да заврши неизвесноста околу комплетирањето на нивните кадровски предлози за техничката влада, пренесе Дојче веле.
На првиот ден од Новата Година, Мицкоски објави видео од состанокот одржан со другите предложени кандидати – за министер во ресорот труд, како и со предложените за заменици-министри во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.
Од видеото се гледа дека на тој состанок не е присутен полковникот во АРМ, Драган Ковачки, кого партијата го предложи за технички министер за внатрешни работи, а СДСМ тој предлог го одби како неуставен, повторувајќи го истиот став и вчера.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој по трети јануари треба да биде премиер на техничката влада, вчера потенцираше дека Уставот мора да се почитува и изрази надеж дека опозицијата ќе предложи нов кандидат за министер за внатрешни работи.
„Мислам дека тоа ќе го направат, и заеднички ќе влеземе во таа преодна влада, која треба да ги заврши сите овие процедури до изборите“, рече Спасовски.
И самото отсуството на Ковачки од вчерашниот состанок со Мицкоски индицира дека ВМРО-ДПМНЕ денеска може да предложи друг кандидат за ресорот внатрешни работи, иако Мицкоски вчера не навести ништо конкретно во таа насока.