Соопштението на Иран дека повеќе нема да се придржува кон ограничувањата за збогатување на ураниум е загрижувачко и се водат итни разговори меѓу Велика Британија и заинтересираните страни за следните чекори, изјави денеска портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон.
По повод заканите од американскиот претседател Доналд Трамп, тој рече дека ќе нападне 52 цели во Иран, вклучително и места значајни за иранската култура, доколку Техеран ги напаѓа Американците или американски имот, дека на сила се меѓународни конвенции за да се спречи уништувањето на културното наследство.
Иранската државна телевизија вчера објави дека Иран повеќе нема да почитува никакви ограничувања за нуклеарниот договор од 2015 година со големите сили.
Шефот на Европската дипломатија Жозеп Борел, пак, денеска изрази длабоко жалење поради одлуката на Иран да укине какво било ограничување за збогатување ураниум, како што е предвидено во договорот од 2015 година.
– Целосната имплементација на договорот за (иранската) нуклеарна програма е поважна за сите нас сега од кога било, за регионалната стабилност и светската безбедност, објави Борел на Твитер.
Иранските власти синоќа соопштија дека повеќе нема да ги исполнуваат своите обврски од договорот. Одлуката уследи откако иранскиот генерал Касим Сулејмани беше убиен во американски воздушен напад во Багдад во петокот.
Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран се зголемени откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи пред повеќе од една година да го напушти меѓународниот нуклеарен договор меѓу Иран и шест големи сили склучен во 2015 година.