Хрватска и Шпанија ги оправдаа фаворитските улоги и запишаа победи во првиот ден од Европското првенство.
Репрезентацијата на Хрватска добро се намачи за да дојде до победата над Црна Гора од 27:21, додека Шпанија со фуриозна игра во второто полувреме ја совлада Летонија со 33:22.
„Коцкестите“ не го почнаа најдобро дуелот со Црногорците кои изненадувачки одлично го одиграа првото полувреме кое го добија со 12:13.
Во второто полувреме, Хрватите влегоа во ритам и уште во почетните минути направија серија од 4:0 со која ја презедоа контролата врз резултатот (17:14) и полека го кршеа отпорот на жилавиот противник за конечен триумф од 27:21.
Поранешниот вардарец Лука Циндриќ со шест постигнати голови беше најпрецизен во селекцијата на Хрватска, додека кај Црна Гора се истакна Немања Грбовиќ со шест гола.
Репрезентацијата на Шпанија со одлична игра во второто полувреме дојде до убедлива победа од 11 голови разлика (33:22) против дебитантот на Европските првенства, Летонија.
Анхел Перез Фернандез постигна пет гола со перфектна реализација, додека кај Летони, ракометарот на Вардар, Даинис Криштопанс даде седум голови.
Резултати:
Група А
Белорусија – Србија 35:30
Хрватска – Црна Гора 27:21
Група Ц
Германија – Холандија 34:23
Шпанија – Летонија 33:22