Општина Берово се најде на листата од 35 општини, кои добија готова проектна документација за реконструкција на улици и патишта, пренесува МИА.
Од Општината известија дека реконструкцијата ќе се одвива во рамки на проектот за подобрување на општински услуги (МСИП) и ќе биде во должина од 3 километри.
– Проектите опфаќаат, реконструкција и доизградба на улица „Белградска” од спојот со улицата „Страшо Пинџур” во должина од околу 480 метри и доизградба на локален пат Берово-Црвен Брег-Абланица, во должина од околу 2.500 метри, известија од Општината.
Со изготвената проектна документација, очекувањата на беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, се општината да биде конкурентна во аплицирањето пред потенцијалните донатори и меѓународни фондови со готови проекти, кон чија реализација ќе се пристапи, кога ќе бидат создадени услови.
Во рамки на проектот за подобрување на општински услуги (МСИП), што со Светска банка се реализира преку посебна проектна единица на Министерството за финансии, обезбени се грант средства од 1,1 милион евра, како техничка помош за вкупно 35 општини меѓу кои и општина Берово.