Директорот на Јавното претпријатие „Инфраструктура на српски железници“ е уапсен поради земање поткуп, изјави денеска на прес-конференција српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, пренесе 360 степени.
Покрај директорот Мирољуб Јевтиќ, уапсени се уште три лица, од кои едно е член на Надзорен одбор, а две лица се адвокати.
Директорот е осомничен дека во службените простории на претпријатието примил поткуп во износ од 10.000 евра од посредник, како награда за корупциски активности при постапка за експропријација на земјиште кое се наоѓа на планираната траса за изградба на брза пруга.
„Полицијата во моментот на апсењето кај осомничениот пронашла пари“, истакна српскиот министер додавајќи оти тие 10.000 ера веројатно биле само еден дел од митото.
Адвокатите биле уапсени поради сомнеж дека го дале поткупот бидејќи во договор со директорот на „Српски железници“ ги фактурирале своите правни услуги во повеќемилионски износи и тие пари подоцна ги делеле меѓу себе.
На сите им е одреден притвор од 48 часа, а се очекува Обвинителството за организиран криминал во текот на следните денови да изврши сослушување на осомничените и да преземе натамошни мерки од своја надлежност.