„Проклети да се предавниците“ ечеше попладнево пред Собранието, каде само неколку десетина граѓани ја одбележаа годишнината, од како што велат „нелегалната промена на името Македонија.“ Овој најавен протест во Жена парк наспроти Собранието, наликуваше на низа други, мали по бројност, собири кои се одржуваа претходно на истото место против потпишувањето на Преспанскиот договор.
Протестот беше во организација на Координативното тело на Македонците во Европа. Организаторот Драган Угриновски тврди дека слабата посетеност се должи на стравот и притисоците кои тврдат дека ги трпат граѓаните да не се појавуваат и поради егзистенцијални причини.
На протестот, после половина час му се приклучија и друга мала група на граѓани, кои на социјалната мрежа Фејсбук се организираа од „Сончева револуција“. Ставовите беа на иста линија, со дополнителни барања да се прогласи за неуставно, сѐ што донела оваа Влада, вклучувајќи ги и 8-темина поранешни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
На дождливото време, покрај развиорените знамиња од Вергина, на протестот посебно се издвојуваше чадорот на Ана Бобинкова од здружението „Преродба“, на кој стоеше изборното лого на СДСМ „Живот за сите“ со Петре Шилегов.
П. К.
извор: ЦИВИЛ