пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Поразот од Чешка ме потсети дека ние сме живи затоа што не победуваме.
Поразите нѐ држат на вистинскиот пат, тие се нашата шина.
Победите значат дека сме ја пробиле банкината или дека сме излетале од шините.
Во спортот, како и во политиката.
Во сѐ.
Речиси дека не се случува ретките победи да не ги испиеме како допинг за следните порази.
Дури и самите победи, по правило, ги прифаќаме или ги претвораме во порази.
Гледам, како и во успехот на „Медена земја“, нацијата се тресе пред можноста да добие некоја индулгенција за вината кон самата себе („не нѐ бива, дефинитивно“).
Повеќе отколку како пред успехот на една фина екипа која направила убаво дело.
Без оглед, или, дури, спротивно, на општите тврдења дека сѐ е срање. Признание за себе, не за авторите.
Тоа чека нацијата.
Говорам за субјективното чувство.
Кое луѓето и нацијата со лабави темели, со проблематични деловни и културни способности, ги судира со вистината. Поразите им ја спуштаат самопретставата на нивото на реалноста и затоа се добри, а победите им ја деформираат веќе изобличената стварност на нивото на нивната лажна самопретстава. И затоа се лоши.
Сакам да кажам дека единствените вистински и реални победи се нашите порази. Тоа што нацијата го доживува како пораз. Затоа што е без способност реално да се ситуира себе си во реалниот свет и светот да го ситуира во себе. Од промените на уставот и на преамбулата, на знамето, до промените во меѓуетничките односи во корист на немакедонските заедници, преку поразот на централната самопретстава во воениот судир од 2001, до Рамковниот договор, од Пржинскиот договор, до Преспанскиот договор и до Договорот со Бугарија, до договорите за влез во НАТО и во Европската унија.
Пораз до пораза.
Не можам да замислам како ќе изгледавме да победевме во тие битки.
Забележувате ли колку е нашата плитка, транзициска, па и општа историја, резултат на некакви договори?
Циниците од времето на социјализмот би рекле дека ние сме една договорна република. Тоа е најобјективна потврда на ниските капацитети на нацијата. Своите работи да ги решава без договори и интервенции. Но, и потврда, не на нејзината зрелост да се адаптира, туку на капацитетот да прифаќа решенија. Нејзината култура се базира на тие очекувања.
Некој берлински конгрес да ја реши историјата во нејзина полза.
Тоа се договори за откуп на вишокот ексклузивитети на Македонците, со вишокот историско време.
Со мир, стабилност и живот.
Монополи за живот.
Хахаха!
Реален и богат живот.
Не им верувајте на катастрофичарите од специјалната војна против Македонија. Макар се и од некоја твоја или не знам чија партија.
Никој на планетата не живее подобро со помалку работа од Македонците.
Никој!
Од Владивосток, до Лос Анџелес, преку Европа.
Дури и драматичниот пораз во режимот на вмро-дпмне можеме да го сметаме како победа затоа што тоа искуство беше единствениот начин да се ослободиме од притисокот во казанот на внатрешните односи што настана по крахот на комунизмот и замавот на реалните процеси на плурализацијата, не само во политиката, туку и во историјата, економијата и во проекциите.
Поминавме лошо, катастрофално, но не како некаква несреќа и апокалипса надвор од нас, туку како зреење низ кое поминуваме.
Јебига, тоа е.
Јас мислам дека и во перцепцијата на Шарената револуција, демек, како голем пораз, се крие една голема победа. На Македонците над самите себе, посебно. И на Албанците, се разбира, кои во тоа време, а можеби и денеска, мислеа и мислат, дека историјата е скок во височина со стап.
И на сите други, да не некој се јави со критика.
Какво е искуството во толку напаѓаното постшаренско раздобие!?
Јас мислам дека станува збор за грандиозни остварувања, не само ако резултатите ги ставиме во корелација со времето во кое се остварени и со историското наследство на кое мораа да се реферираат, туку и воопшто.
Прва би ја истакнал, како најјака, најслабата точка во општата перцепција: враќањето на излеаната река на самоволието во институционалната брана. Поточно – интенцијата. Јасна и недвосмислена, ризична за власта. Бавно, тешко, компромисно, со свест за тоа дека ризикот мора да се преземе и да се оди по вистинскиот пат на законот. Крикот дека власта не ги испоапсила сите бандити на претходниот режим по секоја цена, е крик на племенската свест, од една страна, и крик на користољубието од можната и посакувана смена на власта, со сите ризици од општа катастрофа, од друга страна.
Втората работа се обидите за интеграција на општеството преку добрата волја да не се одбиваат по дифолт кадровските и други инсталациии на претходниот режим. Да бидеме сите едно општество. Јас не се согласував со оваа доктрина, но не можам да кажам дека не сум знаел ништо за другите опции кои биле или се, можеби, поатрактивни, но се поопасни за Македонија.
Третата работа се меѓународните пласмани. Интеграцијата во Европската унија и во НАТО, посебно. Тие обезбедуваат контекст и на првите две солуции и на перспективите на Македонија, воопшто. Оптимистичките најави за отчепување на процесот, односно за добивање на датум, се крајно охрабрувачки.
П.С.
Многу сум разорачаран(а) и нема да им простам, нема да гласам, вика Мара, океј, Маро, но, дали не мислиш дека утре нема да можеш да си простиш на себе, не е проблемот во тоа ти да ги казниш нив, туку како себе да се спасиш, да не се казниш, ти не решаваш дали ќе им простиш на нив, туку дали, во филозофска, па, можеби, и егзистенцијална смисла, вреди да се убиеш.
Или, не!
Ех, мори, Маро!