Препукувањата меѓу двете најголеми политички партии продолжуваат со несмалено темпо. Откако дополнителната заменик министерка во МВР Славјанка Петровска не ја потпиша одлуката за назначување на Ристо Ставревски за шеф на СВР – Скопје, техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев поднесе барање за мислење до Државната изборна комисија, пишува ЦИВИЛ Медиа.
По барањето на Чулев, ДИК ќе одлучува денеска. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не најдоа заеднички јазик ниту околу Законот за поништување на лустрацијата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да го поддржи Предлог-законот, додека СДСМ го критикуваше ваквиот став потенцирајќи дека опозициската партија „ја злоупотреби лустрацијата за политички, партиски, па дури и лични цели“. Министерката за правда, Рената Дескоска, пак, побара ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција, а претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски на прес-конференција во Собранието изјави дека „кон опструкцијата на законот“ на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, попладнево се приклучиле и пратениците од ДУИ и ДПТ.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пак, рече дека тој нема никаков проблем со поништувањето на лустрацијата. Џафери на прес-конференција ги најави и измените и дополнувањата на Законот за Собранието кои пратениците вчера ги доставија до Собранието. Ова законско решение е првиот чекор кон целосно осамостојување и независност на Собранието, како во однос на собраниската служба и буџетот, така и на внатрешното обезбедување. Измените и дополнувањата се однесуваат на собраниската администрација.
Маја Ивановска
извор: ЦИВИЛ