пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Медена земја е поставен пиратски на јутјуб каналот. Дилемите во македонската јавност и пред сè на социјалните мрежи се: дали е тоа ок, или не. Атанас Георгиев вели дека веќе е реагирано до Јутјуб и дека филмот ќе се тргне.
„Пиратиран е филмот, секако. Реагирано е до Јутјуб, и ќе го извадат. Предупредувам дека секакво објавување на линкот од Јутјуб со пиратираниот филм е казниво со закон и ние соодветно ќе реагираме“, вели продуцентот Атанас Георгиев.
Пиратеријата на без разлика дали се тоа уметнички, софтверски, или какви и да се авторски содржини е бесконечна тема во светот со силни аргумети и на едната и на другата страна. Еве, и во нашата редакција имаме издвоени мислења, кои одат во сите насоки.
Моето мислење кое секако е лицемерно (без наводници) гледано од кој и да е агол, е тоа дека кога се работи за содржини од домашни наши автори, е дека треба и мора да си ги почитуваме и да им ги почитуваме авторските права. Така помагаме во нивната афирмација, помагаме во силата кои тие ја црпат од продукциите за да продолжат да работат понатаму и на други проекти, помагаме во афирмација на нашата држава, ма помагаме најмногу во нивниот семеен буџет и допринесуваме тие да ни се наша гордост. Убијте ме еве, наречете ме локал или регионал патриот, хипокрит, ма како сакате завртете ме, но тоа го мислам само и само кога се работи за содржини од наши автори и за некои мали странски а пред сè регионални продукции, кои најчесто се независни и се борат и мачат за секој еден јебен денар или евро.
Да, Медена земја треба да го гледаат сите. Да, Медена земја заслужува да го гледаат сите. Но и да Медена земја се прикажува во Кинотека неколку недели веќе со ред, за јебени 100 денари. Откако ќе го изгледате филмот, ќе видите зошто ви велам дека се тоа јебени 100 денари, или 150 денари колку што чини билетот во кино Милениум. Ќе видите какво богатство е филмот за македонската кинематографија, но и за нас како луѓе. Ќе видете дали вредеа тие 100 денари и потрошени два часа, од животот што сте ги дале. Не знам дали добро разбрав, но и телевизија Телма ги имала откупено авторските права за прикажување, така што кај и да е, филмот ќе биде прикажан и ќе го глеааат сите.
Колку чини едно ЦД на Дани, на Пеце од СуперХикс, 100, 200, 300 денари… на Бернајс Пропаганда колку е? Две кафиња во кафич, 5 килограми мандарини, ете толку чинат на пример 10 песни од наш автор, а ние не сакаме ни толку да издвоиме.
Кога одам на кино, на претстава на концерт за наши уметници и автори, не сакам јебени гратиси, сакам да си го дадам мојот ма каков и да е ситен придонес кон тој автор, зашто мислам дека сум му дал признание и колку толку сум го испочитувал неговиот труд, или во тој правец, не знам дали се разбираме.
За оние силни мегаломански и цицачки светски продукции ГО НЕМАМ ИСТИОТ СТАВ и си штанцам и музика и филм и софтвер без око да ми трепне, ич не се каам за моите двојни аршини.
Уште еднаш, мојот став впрочем е таков не само за филмови, туку и за сите домашни продукции, претстави, уметнички дела.. мојот став е НЕ ЗА ПИРАТЕРИЈА НА ДОМАШНИ СОДРЖИНИ.
Пукајте, слободно…
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.