За дочекот на новата 2020 година, Град Скопје и 20 општини потрошија 675 илјади евра, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации. Споредено со претходната година намален е бројот на општини што се украсени, но е зголемена вредноста на тендерите. Дури 91 % од парите за украсување на улиците и плоштадите за дочекот на Новата 2020 година завршија кај две скопски фирми, Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
За разлика од претходната година кога новогодишните декорации ги красеа Градот Скопје и 26 општини во вкупна вредност од 615 илјади евра, оваа година, тендери за украсување спроведоа 20 општини и Градот Скопје во вкупна вредност од околу 675 илјади евра, што е за 10 % повеќе од минатата година.
Околу 490 илјади евра односно 73% од парите за новогодишното украсување се потрошија во Скопје и тоа од градските власти и од општините: Центар, Аеродром, Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари.
Според дата базата на Центарот за граѓански комуникации, само Град Скопје за украсување на јавните површини потроши околу 285 илјади евра што е удел од 42% од вкупните пари за оваа намена.
Во изминатите 5 години, Градот Скопје не ја смени фирмата со која го склучува договорот, но од година во година ја менуваше вредноста на договорите и тоа главно во нагорна линија. Оттука, вредноста на договорот за украсување на градот за дочекот на Новата 2020 година е за речиси 70% поголема од договорот склучен за дочекот на Новата 2016 година, се вели во анализата.
Од аспект на фирмите кои украсуваат за Нова година, како и минатата година, најголем број на договори има скопската фирма Метал-Вет-Ел, но вредносно најголем удел има скопската фирма Линк Медиа Плус. (Подетален приказ е даден во базата на податоци која е во отворен формат). Поконкретно, Метал-Вет-Ел има склучено 9 договори за новогодишно украсување (во 2018 година имаа склучено 11 договори) во вкупна вредност од 190.737 евра (3 % повеќе од претходната година). Линк Медиа Плус, пак, има склучено 5 договори (во 2018 година имала 2 договори) во вредност од 424.828 евра (41 % повеќе од претходната година).
Целиот текст на ЦИВИЛ Медиа.