Јапонскиот министер за животна средина Шињиро Коизуми соопшти дека ќе земе породилно отсуство, а бидејќи ова е ретка одлука, се најде на насловните страници на многу медиуми во Јапонија.
Коизуми рече дека нема да работи две недели, а неговата сопруга треба да се породи кон крајот на месецов.
Ова е прв пат еден јапонски министер да земе породилно отсуство.
Во Јапонија и мажите и жените имаат право на една година отсуство од работа кога ќе добијат дете.
Но, во текот на 2018 година тоа право го искористиле само шест отсто од татковците поради притисокот да продолжат да работат. Отсуството го искористиле дури 82 отсто од жените.
„Имам намера да земам вкупно две недели отсуство во првите три месеци по породувањето на сопругата, затоа што на мајките тогаш им е најтешко, под услов да им дадам приоритет на службените обврски и темелното управување со кризи, во тоа што го работев“, рече 38-годишниот Коизуми за новинарите.
Рече дека ќе комуницира службено со мејлови и ќе учествува преку видео-конференции, но дека би ги замолил неговите заменици да го претставуваат на состаноци каде има потреба.
Додаде дека нема да прескокне некои значајни јавни активности, како седници на парламентот.
За неговото можно земање породилно се разговара од лани, што покрена бурни расправи.
„Јапонија е крута и застарена, а општеството е преокупирано со бес и расправи само затоа што реков дека ќе размислам за породилно’, рече тогаш Коизуми.
Тој е женет со 42-годишна водителка од француско-јапонско потекло Кристела Такигава.
Тој е втор син на познатиот поранешен премиер на Јапонија, Јуничиро Коизуми и се смета за ѕвезда во подем во јапонската политика.