Со депонијата Дрисла повторно ќе управува Градот Скопје што значи дека ние граѓаните повторно сме сопственици на градската депонија. По деветгодишно сомнително функционирање и неисполнување на договорот за инвестиции и модернизирање на депонијата од страна на италијанскиот концесионер, Градот Скопје низ законита, легална и правна процедура, преку судските институции ја врати Дрисла под свое владение, истакнува Васко Лазаревски советник во Советот на Град Скопје, во денешната изјава за медиумите.
„Заклучно со 2019-та година концесионерот имаше обврска да инвестира 70 милиони евра во реконструкција и обнова на депонијата, како и во зголемувањето на нејзиниот капацитет. Но, наместо тоа, ние граѓаните останавме со истите купишта ѓубре и во страв за своето здравје од несоодветното третирање на отпадот.
Договорот за концесија потпишан од градоначалникот на ВМРО ДПМНЕ, Коце Трајановски, предвидувал постројка за индустриски и медицински отпад, постројка на селекција на отпад, нова механизација и опрема за зголемување на продуктивноста, гасна централа и прочистителна станица за контрола на отпадните води, но италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“ имала и обврска да изгради нова административна зграда и како крајна цел да произведува струја од ѓубрето. Но, ништо од ова не е направено, со што, само се потврдува какви инвеститори носел ВМРО ДПМНЕ во државата и како ја загрозувале животната средина и здравјето на луѓето. Прво избрале компанија во крајно сомнителен тендер, а потоа му дозволиле на концесионерот да ја води играта без да следат и да реагираат на фирмата од Италија која не исполувала ништо од договореното.“