Двата најголеми јапонски автопроизводители, Toyota и Honda, повлекуваат милиони автомобили откако открија сигурносен пропуст.
Toyota на 21 јануари соопшти дека повлекува 3,4 милиони возила, од кои 2,9 милиони во САД, поради можен дефект на опремата наменета да ги заштити патниците во случај на судир. Меѓу моделите што ќе бидат повлечени се Corolla, Corolla Matrix, Avalon и Avalon HV произведени меѓу 2010 и 2019 година.
Овие возила можно е да имаат неисправна електронски управувана единица (ECU) која треба да помогне во заштитата на патниците при судир. Овој уред треба да комуницира со сензорите во автомобилот и да помогне при активацијата на воздушните перничиња и затегнувањето на сигурносните појаси – делот од појасот што е така дизајниран да се затегне и да ги амортизира патниците во случај на судир и да помогне да се намали ризикот од повреди.
Компанијата планира да ги извести сите потенцијално загрозени купувачи најдоцна до средината на март.
Возачите ќе бидат замолени да ги однесат своите возила до овластените сервиси каде ќе им биде понудено вградување на нов филтер за воздух кој би требало да го ублажи проблемот во комуникацијата меѓу сензорот и уредот.
Honda нема соодветно решение
Во друго соопштение, истиот ден, Honda соопшти дека ќе повлече 2,7 милиони автомобили – 2,4 милиони од Америка и 300.000 од Канада.
Производителот на автомобили додаде дека некои модели Acura произведени меѓу 1996 и 2003 година можно е да имаат неисправни пумпи за воздушните перничиња.
Соопштението на Honda е само уште еден проблем на Takata, јапонскиот производител на воздушни перничиња, бидејќи проблемот е поврзан со сигурносниот скандал на Takata од 2015 година кога беше откриено дека поради грешка, воздушните перничиња може да експлодираат или да ги повредат патниците.
Овој проблем го доведе до банкрот јапонскиот производител и го предизвика најмасовното повлекување возила во историјата на автомобилската индустрија бидејќи беа загрозени десетици милиони автомобили – дури 34 брендови, од Ferrari до Ford. Оваа грешка доведе до кобни последици и поврзана е со најмалку 29 смртни случаи и стотици повреди ширум светот.
Honda исто така ги повика сопствениците на автомобили да се пријават на преглед, иако постои голема шанса дека сервисите не можат многу да им помогнат.
Поради недостиг на алтернативни резервни делови, од Honda порачаа дека нема да можат да почнат со поправки уште најмалку една година.