Во ерата на информациска сигурност на интернет, се чини, дека најслаба алка се токму луѓето. Минатата година до Дирекцијата за заштита на личните податоци 358 граѓани поднеле претставки за нарушување на правото на приватност, а 117 поднеле барања за заштита на личните податоци, постапка во која се иницира спроведување на инспекциски надзор, пренесе ЦИВИЛ Медиа.
Генерално, бројките се во рамките на она што како случаи Дирекцијата го имала за работа и во претходните две години, во 2018-та и 2017-та – околу 400 предмети. Анализите на Дирекцијата за заштита на лични податоци покажуваат дека повеќе од 60 насто во овие три години, претставките на граѓаните најмногу се однесуваат на злоупотреби на социјалните медиуми – Фејсбук, Инстаграм, Јутуб, но и страници за порнографија. А има и такви кои се однесуваат на нарушени меѓусемејни односи, каде се користи видео камера.
„Најголем дел од претставките се однесуваат на пробиени или хакирани фејсбук профили или креирање на лажни профили каде некој се претставува во туѓо име или измислен лик кој сака да направи некоја „беља“ кон трета страна. Кој било што се појавува како потенцијална жртва, се бара итност во постапувањето. Ние објективно не можеме да постапиме пократко од 24 часа. Комуникација со Фејсбук администрацијата која е сместена во Даблин е солидна, но добиваат милиони барања на дневна основа, веројатно и тие прават некоја приоритизација што е побитно. Детскатa порнографија, на пример, е далеку поважна од само пробивање на некој профил на социјална мрежа“, посочуваат од Дирекцијата.
Речиси секогаш кога станува збор за злоупотреба на социјалните медиуми, целта не е да се наруши исклучиво приватноста на некого. Тоа е само прв чекор кон вториот и главен напад. Анализите на европско ниво покажуваат дека 7 од 10 луѓе употребуваат една иста лозинка и за Фејсбук, Јаху, но и за електронско банкарство. Сходно на тоа, пробивањето на профилот дава 70 насто веројатност дека некој може да дојде и до нашите пари. Препораката тука е: доколку бидете жртва на пробиен профил или се креира профил за вас без оглед на мотивот треба целосно да го промените својот дигитален идентитет. Задолжително да се променат сите лозинки. Или едноставно да не користите иста лозинка за сите профили на интернет како дигитален идентитет.
Во однос на скандалот кој ја тресе македонската јавност со споделување на порнографски материјал и злоупотреба на фотографии на малолетнички на апликацијата Телеграм, од Дирекцијата информираат дека досега немаат примено ниту една претставка.
ДЗЛП под мотото “Иницијатива од граѓаните до граѓаните” од 28 до 31 јануари организира отворен ден за граѓаните, кои можат да постават прашања за заштита од злоупотреба на лични податоци, неовластено објавување фотографии, видео или аудио снимка или пак, за креирање лажни профили.
Извор: ЦИВИЛ Медиа