коментира: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Може ли „вмровската осумка“ да смогне сили и да докаже дека не е само сува прагма за лична корист?
Она што сигурно не може – Не може да се очекува од другите закоравени грујови дпмне остатоци во Собранието, кои се држат до наредбите од будимпештанскиот бегалец и како слепи за стапот се закачени за деветтата забелешка со која што практично се бара ЈО да нема надлежност за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации, што практично значи дека директно или индиректно закоравените бараат да се отстрани надлежноста на кривични дела кои беа почнати од СЈО, па Миле, Горде, Грујо, Мијалков и останата криминална компанија да бидат ослободени од обвиненија.
И повторно, проблемот е чисто горчлива математика. За да се донесе Законот за ЈО, потребно е двотретинско мнозинство на пратеници кои ќе го гласаат. Такво мнозинство оваа парламентарна консталација, без осумте вмровски гласови, нема.
Но, може ли да се очекува од осумте отпаднати пратеници од ДПМНЕ, кои гласаа за Преспанскит договор и признале ние или не, практично го обезбедија двотретинското мнозинство за донесување на Македонија во колевката на НАТО, може ли сега тие осум да гласаат за толку важниот Закон за Јавно обвинителство кој ќе нè донесе поблиску до портите на ЕУ?
Од една страна ништо не може да ги испере Крсто и компанија да ја убедат прогресивната македонска јавност дека гласот за Преспанскиот договор не го дадоа од чисто лични побуди (да спасат газ), но од друга страна, можат ли сега, непритиснати од личната прагма да ѝ докажат на историјата дека се самосвесни и одговорни не само кон личните интереси, туку и кон интересите на државата.
Ослободени од сите притисоци и од јавноста која искрено не очекува таков нивни личен подвиг, а и анатемисани од поранешните сопартијци од кои гласале или не за Законот за ЈО секако се жигосани како „предавници“, сега, оваа осумка има шанса да смогне сили и да изненади.
Тоа секако нема да го испере Крсто од тоа што им ги отвори вратите на насилниците, а нема ни да ја аминува Канческа-Милевска што ги потпиша сите тие договори од „Скопје 2014“ и помогна „законски“ да ја украде државата за тешки милиони потрошени во неповрат само за да ги задоволи мегаломанските Грујови апетити, но сепак колку-толку ќе нѝ брцнат во око, ќе ни стават коска во грло и ќе ни отворат дилема дека не се само црно-бели пиуни за една употреба и дека сепак има нешто државничко во нив.
Лично не верувам дека ќе успеат овие осум вмровци да го победат дпмнеовското во себе, но историјата памети и подраматични пресврти. Дали јас/вие тоа некогаш ќе успеме да го голтнеме, сега е сосема небитно и себично, па макар и се засркнале.
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.