„Предметот „Поштенска банка“ ми беше доделен од Катица Јанева. Пред истрагата траеше една година. За овој случај имаше една снимка од која заклучивме дека одредени лица сториле кривично дело. Во истрагата имаше барање за мерки притвор за тројца осомничени, но судијата на претходна постапка ги одби тие барања. Уследија предлози за замрзнување на имотите на дел од осомничените, па имаше одлуки за две лица од вкупно тројца. За еден стан на Томе Главчев, Јанева побара да се тргне од списокот за замрзнување бидејќи тој стан веќе бил продаден од нејзини пријатели. Јас тоа и го сторив и предлогот го доставив до суд. Имаше предлози за враќање на одземените пасоши. Јанева побара да му се врати пасошот на обвинетиот Томе Главчев во замена за гаранција да даде машини во вредност од милион евра“, изјави обвинителот од ОЈО Бурим Рустеми во случајот „Рекет”, пренесува Слободен печат.
Рустеми е трет обвинител од поранешното Специјално обвинителство кој сведочи во овој предмет.
„После неколку месеци, во разговор со колешката Лиле Стефанова, таа дознала дека можен газда на станот е екс директорот на МЕПСО, Сашо Василевски. Таа информација не ми беше пријатна. Во суштина, за предистрагата и истрагата за „Поштенска банка” ги завршив сам, без интервенции од Јанева. После ставот на Врховен за нашите предмети настана хаос и предизвика удар врз предметите по кој постапувавме. Настана дилема како да постапуваме. Заедно одлучивме дека рокот од 18 месеци не е амнестија за обвинетите. На еден состанок кај Јанева таа рече дека размислува да се утврди штетата во „Поштенска банка”, штетата да се исплати и обвинетите да не бидат затворени. Нејзиното размислување ме збуни – рече обвинителот Рустеми.