Денеска во Собранието седница ќе оддржи Комисијата за европски прашања, но сепак, јавноста најмногу го очекува продолжението на Јавната расправа за новиот закон за Јавното обвинителство.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј ќе се обратат на НАТО работилницата.
Додека пак, заменик – претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и делегација на Секретаријатот за европски прашања ќе остварат работна средба со претставници на Државниот завод за ревизија на РСМ предводени од главниот државен ревизор, Максим Ацевски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, ќе го посетат село Моклиште каде се спроведуваат проекти преку Програмата за рурален развој.
Судскиот совет на Република Северна Македонија има седница, а Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) ќе ја одржи првата работилница од проектот „Подигни ја својата свест, пријави корупција, биди одговорен“.
На економски план, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ќе одржи јавна расправа за Предлог-мрежни правила за пренос на електрична енергија на АД МЕПСО.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев ќе ја презентира новата механизација за почист Карпош, а Советот на Град Скопје ќе ја одржи 48. седница.
Генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски ќе ги промовира новите ребрендирани сметки.
Во МКЦ пак вечер, ќе има концертна промоција на албумот „Bedtime stories“ од Линколн Летер.