Повеќе од пола година во жешкото столче на Министерството за животна средина и веќе го „тера“ својот втор мандат, а јавноста многу малку го познава, веќе не толку новиот министер, Насер Нуредини. Министерството со кое раководи има негативен имиџ во јавноста поради владеачката перцепција дека власта не прави доволно да го намали загадувањето и дека штити бизнис интересите на поединци и компании за сметка на здравјето на граѓаните, пишува Мета во интервјуто со министерот.
Колку партијата која Ве постави на оваа позиција, ДУИ, влијае на Вашите одлуки како министер?
– Од мене беше побарано да си ја работам работата професионално и компетентно за да се подобрат условите за живот во мојата земја и ми беше дадена комплетна слобода за тоа.
Ве прашувам бидејќи во јавноста постои став дека Министерството за животна средина штити одредени бизнис интереси на лица блиски до ДУИ и до власта.
– Никому не сум направил услуга ниту некому ја должам, можеби во два наврата ме консултирале за мислење и ништо повеќе.
Ваш коментар за случајот со екс-директорот на Дрисла и за информацијата дека скопската депонија пред три години добила дозвола за депонирање и на опасен индустриски отпад, а не само комунален.
– На Дрисла не се депонира ништо друго освен комунален отпад. Неделава треба да се видам со новиот директор на Дрисла за да видам кои им се идните планови, но сакам да нагласам дека Дрисла нема дозвола за увоз на отпад. Увоз на отпад не е дозволен и нема да дозволиме нашата земја да стане депонија за меѓународен отпад, заслужуваме подобро! Доколку има сомнежи и шпекулации за такво нешто, тоа треба да се истражи и расчисти. Токму затоа е важно да се донесат законите што ние ги предложивме. Со воспоставување на селекција на отпад ние ќе можеме самите да создаваме сопствен РДФ, на тој начин намалувајќи го она што на крај завршува на депонија, во нашата почва и во водата и храната преку неа. Не измислуваме ново, само ќе го применуваме она што кај другите донело успех, во некои земји како во Словенија за само 10 години.
Целото интервју ТУКА