„Главната причина за ова прогласување не е она што се случува во Кина, туку она што се случува во другите земји“, рече шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус.
Постои загриженост дека вирусот може да се прошири во земји со послаб здравствен систем.
Во меѓувреме, САД им порачаа на своите граѓани да не патуваат во Кина.
Стејт департментот издаде предупредување од четврто ниво – откако ги повика Американците да го „преиспитаат“ патувањето во Кина – и рече дека сите граѓани во Кина „треба да размислат за заминување со користење на патнички средства“.
Најмалку 213 луѓе починаа во Кина, претежно во провинцијата Хубеи каде што се појави вирусот, а има скоро 10.000 заразени на национално ниво.
СЗО соопшти дека има 98 заразени во 18 други земји, но дека нема смртни случаи.
Повеќето меѓународни случаи се луѓе што биле во кинескиот град Вухан во Хубеи. Сепак, има и осум случаи на зараза од човек на човек – во Германија, Јапонија, Виетнам и САД.
Говорејќи на прес-конференција во Женева, д-р Тедрос го опиша вирусот како досега „невидена епидемија“, која предизвикала досега „невидена реакција“.
Тој ги пофали „вонредните мерки“ што ги презедоа кинеските власти и рече дека нема причина да се ограничат трговијата или патувањето во Кина.
„Да се разбереме, ова прогласување не е знак на недоверба во Кина“, рече тој.
Сепак, разни земји ги затворија границите или ги откажаа летовите со Кина, а компаниите како Гугл, Икеа, Старбакс и Тесла ги затворија своите продавници или престанаа со работа.