Утрово е промовиран новиот видео спот на Фолтин за „Ми се води љубов“.
Во изјава за Фронтлајн.мк фронтменот на Фолтин Бранислав Николов открива дека танчерката Zarina Rondón што се појавува во спотот е по потекло од Венецуела. Спотот е во режија и монтажа на Милена Виитман, а е снимен во Барселона во декември 2019 година. Зад камерата е Владимир Димоски.
Виитман ни раскажува секојдневно љубовна приказна прикажна несекеојднево во одлично избран амбиент, а провејувањето на танцовите нишки на Зарина неизбежно потсетуваат на спотовите од светски познатата “Sia”.
Режисерката Милена Виитман за Фронтлајн вели:
Фолтин ги обожавам од детство. Првпат ги видов во живо во Прага, каде што студирав. После десетина години и пар деца, сакав да се вратам да работам со видео, и веднаш помислив на нив и дека би ми било огромно задоволство да снимам нешто на нивна музика. Локацијата не е нешто посебно бирана, живеам тука и логистички ми беше најлесно. Првичната идеја ми беше поинаква, но танчерката откажа во последен момент, и локацијата се смени. Зарина е другарка на една мајка од школото на син ми, и така многу во последен момент го импровизиравме видеово. Сиа не ми е конкретна инспирација, ама ми се допаѓа танц во песни кои не се типично танчерски. Снимав и спот за музика на сестра ми Катерина, кој што треба да излезе наскоро и исто кажува приказна низ танц.
„Ми се води љубов“ е нумера од најновиот албум на Фолтин – МОМÓМА издаден во април 2019 година. Автори се Фолтин:
Бранислав Николов – глас
Пеце Трајковски-Брада – гитара и сајзер
Гоце Јованоски – бас
Славчо Јовев – тапани
Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника
Гостин на песната: Петар Димитровски – клавијатури
Ј. Ѓорѓиоски