Пред денешното сведочење на лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешното рочиште за случајот „Монструм“ кој се однесува на петкратното убиство кај Смилковското Езеро се преслушуваа пратенички прашања упатени кон сега веќе поранешниот премиер, пренесува Слободен печат.
Прашањето до Заев го поставува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски на 26 април 2018 година, на пратенички прашања во Собранието на Македонија. Прашањето гласи:
– За случајот „Монструм“ вие пред еден од родителите на децата рековте дека имате материјали со кој се расветлува случајот. Моето прашање е дали доказите стварно го расчистуваат случајот или го расветлуваат случајот за добивање на субвенции на сопственикот на земјиштето?
За поставеното прашање, тогашниот премиер вели:
– Претходната влада апсела без докази. На еден од родителите од убиените момчиња му беше презентиран разговорот на Фејзи Азири кој разговара со Невзат Бејта за исплаќање на субвенции. Сите докази се доставени до СЈО меѓу нив и телефонските броеви кој на родителите на жртвите им биле криени.
На денешното рочиште беше соопштено и тоа дека според евиденцијата на јавната здравствена установа Итна помош, на 12 април 2012 година, непознато лице по телефон пријавило несакан настан во 22.14 часот. По враќање на екипата од Итна помош, настанот бил евидентиран во деловодната книга – се вели во документот од Итна помош, за начинот на пријавување и времето кога е пријавено злосторството кое било извршено на Смилковското Езеро.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Судскиот процес го води судијата Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.





