Колку Законот за градење ќе биде комплементарен на Законот за урбанизам, колку тоа ќе помогне во решавање на проблемот со дивоградбите и надминување на урбанот хаос и колку од препорките на УНЕСКО се имплементирани во од Министерството за транспорт и врски, разговаравме со министерот Горан Сугарески.
Што се добива со измените кои се усвоија со Законот за градење со оглед на тоа дека опозицијата имаше свои видувања и некои негативни реакции, а ова би го споила и со реакцијата од Регулаторната комисија за енергетика каде се инсистира со новиот закон за градба, што се подготвува, при издавање одобрение за градба инвеститорите да се обврзат дека зградата што ја градат ќе ја приклучат на организиран систем на топлинска енергија.
Прво реакцијата на опозицијата мислам малку се користи сега некаков предизборен период за да се спомнуваат повеќе работи. Жалам што истите тие луѓе кога во минатото 29 пати се носеше законот за градење тоа не го спомнуваа, јас во тоа време бев пратеник во Собранието и знам дека чисто од лукративни причини беа носени закони за градење сè со цел да им се удоволи на поединечни случаи.
Со измените на овој закон, покрај усогласувањата во делот со одредбите од законот за инспекциски надзор и законот за прекршоци, ние внесовме неколку работи за кои што сметаме дека ќе биде целосно олеснета процедурата, не она што опозицијата се обидуваше да го прави во смисла да се плашат луѓето кога евентуално купуваат стан, туку целта е како да ги олеснеме постапките. На крајот сè се сведува на тоа дека доколку во дадениот рок бидат завршени имотно правните работи, дека до одобрението за градба, 100 процентно треба да бидат реализирани имотно-правните односи. Значи правиме одредено олеснување на постапката, така да ништо не е страшно, апсолутно само олеснуваме објектите кои што се градат да можат побрзо да се изградат… Тоа е едната измена, исто така, со оваа измена на законот се уредува дел на постапка за дислокација на нафтовод, продуктовод, магистрален гасовод, магистрален топловод, сè со цел да се направи одредена потребна дислокација, сè со цел да може да се изгради одреден државен пат, автопат, железничка пруга итн. Значи станува збор за неколку измени, се обидоа да направат опозицијата некаква фама во смисла на тоа дека нешто се случува, а не се случува ништо туку едноставно имаме само олеснување на процедурите и другиот дел е усогласување со законот за прекршоци и испекциски надзор.
Она, пак, што директорот на Регулаторна комисија Марко Бислимовски го кажа, значи да, дел е од владините политики да има приклучување на градбите на организиран систем на топлинска енергија. Јас само сакам да потенцирам, бидејќи во министерството се работи на нацрт закон за градење, значи тој не е истакнат на ЕНЕР за да ги добиеме сите забелешки од сите институции.
Ние ги имаме предвид сите размислувања кои што стигнуваат до нас, бидејќи претходно се водела одредена дебата не само од Регулаторната комисија туку дебата и од голем дел на комори и невладини организации, нашата цел, бидејќи еве сметаме дека утре или други ден треба да се донесе законот за урбанистичко планирање кој што треба да биде компатибилен со законот за градење, е дел од тие одредби, а тоа подразбира поедноставување, олеснување на одредени процедури меѓутоа и внимавање на сите оние проценти, како што внимававме на законот за урбанистичнко планирање, да направиме еден сериозен баланс во делот на стопанскиот развој на државата, од една страна и се разбира заштитата на животната средина и зеленилата.
Секој оној на одреден начин што дава добронамерни сугестии, мислам дека ќе бидат од наша страна прифатени кои се во интерес и за граѓаните и за компаниите. И со азконот за урбанистичко планирање кој што неколку месеци беше и во собраниска процедура и сè уште е, очекувам на второто читање овие денови да биде донесен, ќе се поставиме така да навистина направиме еден одличен закон кој што ќе биде општо прифатлив за сите – не само политички партии и пратеници туку и за сите оние кои што ќе функционираат врз база на тој закон.
Што уште е инкорпорирано во Законот за урбанизам, што очекувате да биде изгласан?
Прво сакам да објаснам дека ние некаде во мај месец го внесовме во собраниска процедура. Дел од јавноста можеби и не знае, некаде осум, девет месеци во рамките на Собраниската комисија за транспорт, врски и екологија, беше формирана работна група, којашто одржа голем број на состаноци, таку членови беа покрај ние од ресорното министерство што ја претставувавме Владата, беа исто така голем дел на пратеници од сите политички партии и интензивно работевме на усогласување на одредби коишто ќе го направат законот уште подобар, од она што од наша страна беше предложен до Собранието. И тоа се случи, ние направивме усогласување со кое помина во комисијата за транспорт и врски во второ читање, исто така и на законодавно-правната комисија, а претходно сакам да потенцирам дека тој беше прикачен на ЕНЕР во редовна постапка во собранието, а исто така меѓу двете читање беше организирана јавна расправа на која што навистина имаше голем број на присутни од сите фели кои ги спомнав, кои што ги дадоа своите забелешки.
Сакам да потенцирам дека голем дел на тие забелешки се инкорпорирани. Што подразбира тоа? Во законот имаме зголемена транспарентност. Ако Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење се еден тип на Устав во градежништвото и урбанизмот, ние сметаме дека транспарентноста е еден од главните чинители, значи секој ГУП, ДУП, да биде на веб страните на Општините и сите оние кои се донесувачи на тие планови, што е многу битно, а тоа е делот на инклузивност во процесот, а инклузивност имаме на тоа што голем дел од граѓаните ќе учествуваат во делот од локалната заедница. Организираме стручна расправа и организираме јавна расправа со јавна презентација.
Значи делот на сè она што значи проценка на заштита на јавниот интерес, апсолутно е опфатено и по дефиниција и по сè она што значи јавен интерес исто така и правото на приватна сопственост кое што е заштитено со Уставот и законите и тоа е опфатено. Олеснување на голем дел на постапки и процедури при носењето на плановите. Имаме транспарентност, меѓутоа имаме и секој граѓанин да биде вклучен и во тоа парципативно тело ќе ги разгледува тие планови, граѓаните даваат свои прдлози, како што даваат и од стручната фела, дали станува збор за заштитата на животната средина, за култура, или друг јавен интерес, значи сето тоа е опфатено.
Сметам дека врз база на сите тие усгласувања, имаме дел на скратување на постапки, суспендирање на акти, согласностите кои што ги издава министерството во делот на урбанистичките планови да биде ограничено, а не до безброј пати и сведовме на тоа деко во рок од 4 месеци од носењето на Законот за урбанизам и просторно планирање и стапувањето во Службен весник, нашиот предлог беше 6 месеци, но се усогласивме на 4 месеци, да се направи одредено прилагодување на прописите, правилници, нормативи и сите други подзаконски акти кои што треба да се донесат сè со цел да тој дел настрана од законот со подзаконски акти да биде целосно уреден и сè со цел да биде во интерес на граѓаните.
Дали ова ќе помогне во борбата со урбаната мафија и во оној дел со дивоградбите и сè она што ни смета како граѓани?
Ние работеме на тоа, затоа и ја потенцирав важноста на овие два закони. Мене ми беше намерата таква во овој мандат да се донесе и Законот за градење, меѓутоа знаете од објективни причини – ќе има парламентарни избори во месец април, инаку согласно со мандатот кој што го имаше оваа Влада, планирано беше некаде септември или октомври да се донесе и Законот за градење. Сега работиме на нацрт законот, знаете дека Собранието нема да работи од 12 февруари па натаму, така што после изборите ќе остане да и тој закон биде компатибилен со овој и на тој начин ова што и вие го поставувате како прашање, да навистина спречиме дивеење, да спречиме насилие, да спречиме урбанистички хаос којшто со години наназад и се случувал на државата и мислам дека овие закони се најдобрата можна основа за понатаму и преку подзаконски акти успееме да ги донесеме овие работи.
До крајот на февруари е рокот за спроведување на препораките од УНЕСКО за заштита на природните богатства во Охридскиот регион. Одговори ли Министерството во рамките на надлежностите на тие препораки? Кои се кочниците, што е спорно во целата процедура?
Согласно нашето учество во работната група и во комитетот што е од Владата, мислам дека дадовме свој придонес. Се работеше интензивно во соработката со општините Охрид и Струга. Сметам дека од мерките кои што тие ги донесоа, а тоа беа мораториуми на делот на носењето на урбанистички планови и делот на легализации беа во целост спроведени. Станува збор за нешто што 40, 50 години не е постапувано и сега како да се очекува само во неколку месеци да се решат сите проблеми. Се работи на тоа и сум оптимист дека во наредниот период сите оние препораки кои што ги даде УНЕСКО во голема мера ќе бидат реализирани. Во изминатиот период сме одржале многу состаноци со Државниот градежен инспекторат којшто по дифолт е надлежен за објекти од прва категорија којшто треба да си преземе мерки во Охридско-струшкиот регион. Исто така, Општината да си постапи во делот и на уривање на дивоградбите, меѓутоа и во делот на сите препораки кои што треба да се направат, така да сметам дека она што ќе значи позитивна препорака од УНЕСКО ќе се случи и ние нема да го изгубиме статусот, барем јас така сум убеден. Она што се прави е дека редовно се праќаат извештаи за сите преземени мерки од страна на општините, ресорното министерство и Владата, така да сметам дека во наредниот период не се помисли да се одземе статусот на УНЕСКО на Охридскиот регион.
Како сте задоволни од она што беше ветено како капитални инвестиции во рамките на Министерството, до она што до овој момент е остварено?
Прво, многу сум задоволен што Министерството за финансии изваде алатка за да се види точно колку кое министерство, државен орган, дирекција или агенција, реализира.
Бројките се неумоливи, 86% има реализација во делот на капиталните инвестиции. Ако ги гледаме по ставки ќе видиме дека стапката за социјални станови е реализирана 100 проценти. Ставката за гасификација е 94 проценти. Ако ја гледаме нејзината техничка реализација таа е и некаде 125, 130% меѓутоа дел од авансираните средства се користат и е без последната дванаесетта ситуација тоа е за месец декември која што сега треба да дојде. Така што, сум исклучително задоволен. Исто во делот на железници, посебно во третиот и четвртиот квартал каде што имаме зголемена динамика на работа на пругата Куманово-Бељаковце и делот на она што значи одредено санирање и модернизирање на пруги.
Сакам да ги спомнам и големиот број на проекти на водоводите и канализациите и сметам дека во изминативе година и пол, не знам дали некогаш воопшто се случило, имаме извонреден број на проекти коишто ги реализираме заедно со општините… Сакам да најавам дека со Премиерот сме деновиве во Визбегово, во четврток отпочнува работа на патот Крива Паланка до Деве Баир, интензивно се работи на канализацијата во Арачиново и таму планирам да направам увид. Голем дел на проекти кои што ги има низ сите општини опфатено Министерството, ние ги продолжуваме. Планот за јавни набавки е направен и согласно со тој план без разлика што во април ќе има избори јас очекувам дека динамиката нема да застане, туку напротив ќе си тера соодветно како што и е планирано.
подготвил: Јане Ѓорѓиоски
Камера и фотографија: Атанас Петровски
Монтажа: Владимир Перчуклиевски