Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе иницијатива за распуштање на Собранието на 12 април, откако претходно од партијата рекоа дека нема да дозволат одложување на изборите, пренесе Слободен печат.
-Денеска ќе ја доставиме иницијативата Собранието да се распушти на 12 април. Тоа следува по изјавите на Зоран Заев дека ако не се усвои Законот за јавно обвинителство, распуштањето на Собранието би можело да се одложи. ВМРО-ДПМНЕ не го избегнува донесувањето на законот за ЈО, но Зоран Заев сака да избегне одговорност пред законот. Ги повикуваме и другите партии да ја поддржат нашата иницијатива- изјави пратеникот од опозицијата, Никола Мицевски.
Оваа одлука, вели Мицевски, ја предлагаат бидејќи и покрај исполнетоста на сите услови за одржување на предвремени избори за пратеници, деновиве гледаат како лидерот на СДСМ, Зоран Заев се обидува да избега од истите со поставување на услови за носење на закони кои, само од нему познати причини, претставувале услов за оддржување на изборите.
-За неполни три години СДСМ направи штети со несогледливи последици што се однесува на државните и национални интереси, но и штети кои што секојдневното живеење на граѓаните го прават скоро невозможно. Како никогаш досега Македонија не била поподелена, ниту по политички, ниту по партиски, ниту по национален основ, ниту по граѓански основ и тоа мора да запре- вели Мицевски.
Од страна на Транспаренси Интернешнл сме прогласени за најкорумпирана земја во Европа, вели Мицевски, според угледното списание „Економист“ Република Македонија е оценета како хибриден режим што е на чекор до авторитарен режим што претставува исклучително поразителна оценка за владеењето на правото и правната држава.
-Над 500.000 граѓани живеат на работ на сиромаштијата додека секој трет во државата има проблем да обезбеди основна егзистенција. Ветувањата на СДСМ за задржување на младите во државата паднаа во вода. Македонија се наоѓа на третото место во светот по стапката на невработеност на младите луѓе од 15 до 24 години- вели Мицевски.