пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Јанушев е загрижен за тоа дека Владата трошела многу пари на авио билети. Има еден филм со наслов „Види кој зборува“ (Look Who’s Talking), а и еден израз што доаѓа од нашите (регионални) краишта – „ма шта ми наприча!“. Обата изрази одговараат на оваа ситуација. Воопшто не би имало потреба човек да обрнува внимание на вакви проѕирни манипулации, освен со сарказам да ги дисквалификува како дрскост и глупост. Но, јасно е дека ова е обид да се испере сопствената рѓа со манипулации и лажни обвиненија и тоа во функција на предизборна пропаганда чии жртви се неинформираните граѓанки и граѓани. Затоа, да се потсетиме на неколку факти.
Обвинувањето доаѓа од лик што држи високо место во партијата што ги цедеше јавните ресурси како да е окупатор (што, впрочем и беше). Доаѓа од организирана група што украде милијарди евра (според некои проценки, цифрата надминува шест милијарди евра). Овие ликови го контаминираа(т) општеството со насилство, деструкција и клиентелизам. Купуваа гласови за 500 денари со пари на граѓаните, за потоа повторно да ги „наплатат“ илјадакратно и со принуда луѓето да коленичат пред нив за корка леб.
Таа партија, вемерето, не само што е наследник на црното минато што како облак е над животот на луѓето до денешен ден, туку истите луѓе, протагонисти на крајно нечовечниот режим, секојдневно шират своите лажни вести и дезинформации и спроведуваат црна, антимакедонска кампања. Истите тие ликови, без трошка срам, се разбира, без да ги вратат украдените милијарди и во постојано бегство од правдата, одеднаш, се „загрижиле“ дека се потрошени државни пари за авио билети на Владата на Зоран Заев.
По социјалните мрежи кружи „доказ“ – фотографија од авио билетот за патувањето на Заев и Спасовски по повод посетата на Веселенскиот Патријарх. Тој авио билет е платен од партискиот буџет на СДСМ, не од буџетот на Владата. На пример. Баба лаже, али траг не лаже!
Ајде уште малку математика за партијата што ја води некој што се фали дека е добар математичар. Во 2014 и 2015 година, Груевски и неговите министри потрошиле фантастични 34.646.863 денари, а Владата на Заев во 2017 и 2018 година, речиси три пати помалку: 11.915.627 денари.
И после овој текст, ќе кренат врева и прашина дека ова е одбрана на Заев, што не е и нема потреба да биде, бидејќи бројките сами кажуваат сѐ. Нема да кажат ништо за милионите што ги украдоа, нема да кажат ништо за вртоглавите цифри овде. Тоа е таа евтина манипулација, на која, сѐ уште паѓаат некои луѓе. За среќа, наивни има сѐ помалку.
Значи, да продолжиме со математиката.
Се работи за ликови кои до Москва и Сталинград летаа почесто отколку што просечен македонски граѓанин ги посетува излетничките места како Матка, Сарај или Водно (за Охрид, Преспа и да не говориме)! Ни срам, ни перде! Истата организирана група што креваше градежни комплекси во воздух, спроведуваа рекет низ целата земја, од мало дуќанче, до најголеми фирми, купуваа парцели на Водно за „џабалк“ (Груевски во разговор со Миле-ми-текна), зборува за авио билетите на Заев. Ликовите што се гостеа со бизони, коњи и срни, се луксузираа како шеици, а нивните медиумски (куртон) слугинки купуваа гаќички од 500 евра со службени пари од „субвенции“ што беа земени од устите на работниците, стечајците, пензионерите, децата…
Се сеќавате на големите достигнувања на министрите без ресор, Бил Павлески и Џери Наумов? Се разбира дека не, бидејќи и ги нема! Ретко кој и знае за нивните имиња воопшто, а не пак дека биле министри. Сигурно никој не се сеќава дека Бил и Џери за авио билети потрошиле вртоглави 4.807.175 денари, од кои Бил потрошил 2.206.822, а Џери 2.600.353. Зошто никој не се сеќава? Лесен е одговорот: За време на владеењето на партијата во која Јанушев е функционер, вакви податоци не беа јавно достапни. А се работи за пари на македонските граѓанки и граѓани кои до денешен ден и во иднина ќе ги плаќаат долговите и штетите што ги направи режимот.
Истите ликови што ја турнаа земјата во најтешката изолација, што патуваа колку сакаа и каде што сакаа за свои приватни потреби и хирови, го критикуваат Заев за авио билетите што ги користел за да ја врати Македонија на светската мапа. И сега Јанушев, лик од партијата што удираше „клоци на ванхојтевци“, а полицијата по нивен налог, тепаше работници, стечајци и студенти, ја уништи железницата и безброј фирми низ земјата, се „загрижи“ кутриот дека се трошеле пари за авио билети, а немало пари за вработените во железницата, Еурокомпозит и Охис. Ете, тој, функционер во партија чии газди не знаат колку пари имаат.
Колку вакви апаши крие Белата палата? Колку апаши има околу нив, онакви, никакви, поситни, што се кријат во длабоките сенки што ги создаде криминалот? Колку десни и леви фашисти се офајдија и уште лапаат пари, допрва ќе дознаваме. И сето тоа е само дел од целата приказна, бидејќи за многу од тоа нема да дознаеме, затоа што огромни суми пари се претопени преку сметки во Белизе, а непознато количество документација е уништена.
Тоа е.
Дечко, дај уште еден бизон ваму!
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.