Според него, многумина не сакаат да продолжат со агонијата приредена од недоговорените политички елити и сакаат нов лист, нов почеток и излез од илјадниците проблеми. Проблемите се големи, но не се нерешливи.
„Изминативе 2 години работев и најголемиот дел од моето време го посветив на средби и комуникација со граѓани и со стопанството. Последната година силно и интензивно работевме на програма и мерки кон кои ќе се обврземе, а кои треба да ја донесат обновата, која пред се е неопходност за нужно рестартирање на нашето општество. Во изработката на нашите мерки и проекти кон кои ќе се обврземе да ги исполниме свој придонес дадоа стратешките соработници, универзитетски професори, експерти од странство од различни области, комисиите во ВМРО-ДПМНЕ, а клучниот сегмент беше мислењето и потребите на граѓаните и стопанството. Презаситени се луѓето од политика на поделби, празни обвинувања, прочитани политичари. Потребни се мерки и проекти, и многу работа.
Затоа отпочнуваме серија на прес конференции каде ќе промовираме мерки и решенија кои ќе бидат дел од обновата која доаѓа, а кои ќе овозможат повеќе за секого. Тоа се мерки и проекти кон кои се обврзуваме и кои ќе треба да донесат повеќе пари, повеќе средства, повеќе надеж, повеќе насмевки. Повеќе за пензионерите, повеќе за работниците, повеќе за стопанството и бизнисот, повеќе за граѓаните и стандардот, повеќе за Македонија. И слободно можам да кажам дека ова пред се ќе биде економска обнова, обнова заоснована на економски темели за кои најважен услов ќе биде правдата.За да имаме развој ни треба повеќе во економијата, почитување на законите и повеќе во стандардот кај граѓаните„, рече Мицкоски и додаде:
„Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за минимум 25% во еден мандат. Ќе пораснат платите за минимум 25% во следните 4 години. Тоа ќе значи повеќе пари за работниците или во просек за 6.500 денари повеќе од платата која што ќе биде исплатена просечна во државата во декември месец 2019-тата година. Ќе се бориме жилаво за силен економски стандард за секој еден работник.Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечната пензија на пензионерите за минимум 20% во еден мандат или тоа ќе значи повеќе од 3.000 денари повеќе за секој еден пензионер. За повеќе пари, за повеќе достоинство на пензионерите. За мирен живот се обврзуваме во првите 100 дена Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да го промени Законот за пензиско и инвалидско осигурување и согласно новото законско решение пензиите ќе се прилагодуваат во двата основа, порастот на трошоците за живот и со просечниот раст на нето платите.