Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и претседателот на Совет Миле Талевски, го посетија семејството Спиркоски, во чиј дом утринава избувнал силен пожар, а во кој за жал животот го загубила 72 годишна жена.
Пожарот кој започнал од приземјето на куќата, каде и се наоѓала починатата жена, во 8 часот и 37 минути бил пријавен во Територијалната противпожарна единица, при што за кратко време на местотото на настанот пристигнале четири противпожарни возила и единаесет пожарникари, кои за дваесетина минути го ставиле пожарот под контрола и од двата спрата на куќата ги извлекле преостанатите шест лица кои во тој момент се наоѓале таму.
„Жалам за овој немил настан, во кој имаше и смртен случај. Општина Прилеп ќе им излезе во пресрет со материјална помош на двете семејства кои живеат во оваа куќа. Човечката загуба за жал не може да се надомести, но се надевам дека и стопанските субјекти ќе излезат во пресрет со нивна помош, со цел да изнајдеме начин сите заедно да им помогнеме на овие наши сограѓани кои загубија и член од своето семејство и претрпеа голема материјална штета“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.