Иако техничката министерка Рашела Мизрахи денеска изјави дека во Министерството за труд и социјална политика стои старата табла на која пишува Република Македонија, сепак не е така. Тоа може да се забележи од пресконференциите кои ги држеше нејзината претходничка, Мила Царовска. Сепак Мизрахи не го почитува уставното име на земјата и тоа повлекува кривична одговорност. И заменичката на Мизрахи, Санела Шкријељ во изјава за Телма рече дека станува збор за старо пано кое МТСП ниту еднаш не го искористила по потпишување на Преспанскиот договор.
„Јас не ја игнорирам реалноста, но нема да дозволам создавање на нова реалност. Демократско право, но и морална обврска на секој граѓанин е кога ќе види неправда и да реагира по истата. Таблата е наследена и не постои стара и нова табла. Постои само една табла во Министерството за труд и социјална политика. Во меѓувреме треба да и заблагодариме на вицепремиерката за економски прашања, заради тоа што не ја сменила таблата и со тоа длабоко во себе препознава дека ова е Република Македонија и ова е македонски народ“, се вели во изјавата на министерката Рашела Мизрахи за таблата во Министерството за труд и социјална политика.
Ваквата реакција следи откако министерот за надворешни работи Никола Димитров му сугерираше на премиерот во техничката Влада, Оливер Спасовски да предложи до Собранието разрешување на техничката министерска за труд и социјална работа, Рашела Мизрахи, по отстранувањето на таблата со уставното име на институцијата.
„Доколку министерката Мизрахи веднаш своето делување не го врати на линија и во рамките на Уставот, му сугерирам на претседателот на Владата, Оливер Спасовски, да предложи нејзино разрешување до Собранието. Укажувам дека во нејзиното делување има и елементи што можат да повлечат кривична одговорност по член 353 и член 390 од Кривичниот законик, но тоа е веќе работа во деолкруг на други државни органи“, рече денеска министерот Димитров.
Во петокот, Мизрахи одржа прес конференција со старата табла во позадина на кое стои само Република Македонија.