Во своето обраќање Зоран Заев вели дека по години и децении патешествија, блокади, режим, стагнација, изолација, по години исцрпувачки преговори, конечно го отворивме патот до членство во НАТО.
Одлучивме проблемите да ги решаваме, наместо да ги криеме под тепихот, решивме да им пријдеме а не да бегаме од отворените прашања. И успеавме. Успеавме за сите наши граѓани. Тој додава дека по 26 години спор, постигнавме Договор кој го запечати нашиот македонски идентитет кој беше оспоруван. Македонци од Република Северна Македонија кои говорат македонски јазик и имаат своја македонска култура. Признаени од целиот свет.
„НАТО не е само безбедност и сигурност. НАТО е многу повеќе инвестиции, пристап до нови пазари, нови работни места, сето тоа значи повеќе пари кај секој граѓанин“, вели Заев
„Целиот наш народ, сите наши граѓани се горди на овој историски успех – Северна Македонија, 30-та земја-членка на НАТО! Заедно сме, рамо до рамо со најсилните, најмоќните демократски држави во светот!“ истакнува претседателот на СДСМ Зоран Заев во видеото објавено на социјалните мрежи.





