Ѓонул Бајрактар, кој пред формирањето на техничката Влада беше заменик-министер за труд и социјална политика, ги презема овластувањата и одговорностите во раководењето со Министерството за труд и социјална политика.
Оваа одлука на Владата следува кога Собранието викендов ја разреши Рашела Мизрахи од функцијата технички министер.
„Во согласност со Законот за организација и работа на органите на државната управа, во делот 4, што го уредува раководењето со органите на државната управа и нивни меѓусебни односи, се вели дека заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето“, соопштија од Владата.
Мизрахи беше разрешена по барање на техничкиот премиер, Оливер Спасовски, поради тоа што ексминистерката држеше прес-конференции пред табла на која пишуваше Република Македонија. Според Спасовски, Мизрахи не го почитувала Уставот и ги ставила партиските над државните интереси.