Ако политичарите во предизборната кампања користат валкана реторика, тогаш луѓето ќе останат дома и нема да излезат на гласање, а со тоа ќе се створат услови, без легитимитет од народот, без голема излезеност, мнозинството во Парламентот да биде помало и да не ќе може да се спроведуваат реформите, предупреди денеска лидерот на парламентарната група Обновена Европа во Европскиот парламент, Дачијан Чолош по средбата со премиерот Оливер Спасовски.
– Независно од резултатите од изборите на Северна Македонија ќе ѝ треба силно мнозинство во Собранието, за да ги спроведе реформите кои се потребни и за народот, но и со цел да успее во процесот на пристапување во Европската Унија, додаде Чолош.
– Ако реториката отиде во валкана насока, губитници ќе бидат граѓаните на Северна Македонија, но и самата држава. Затоа сметаме дека е важно и медиумите да создадат атмосфера и рамка за една дебата за тоа што политичарите и политичките партии сакаат за Северна Македонија во иднина, истакна Чолош.
Европратеникот Чолош нагласи дека токму затоа се инсистира реториката за време на изборната кампања да се одржува во рамки кои ќе овозможат отворање на вратите за соработка меѓу партиите по изборите.
Порача дека на Северна Македонија ѝ се потребни реформи и ако некои политички субјекти ја користат кампањата само за да напаѓаат без да нудат конкретни решенија, тогаш губитници ќе бидат сите, вклучително и ЕУ.
Тој како Романец и пратеник во Европскиот парламент ја смата Северна Македонија како партнер, затоа што ако зборуваме искрено, културно и во географска смисла, вие сте Европејци. Единствено што треба да го направиме сега, е да ги зближиме нашите визии за да работиме заедно, истакна Чолош.