Со едно минутно молчење во почит на настраданите во вчерашната трагедија во Романовце, Советот на Општина Куманово едногласно го прогласи за утрешниот ден за ден на жалост и ги откажа сите активности и манифестации предвидени за утре.
Градоначалникот Максим Димитриевски, изрази сочуство и вети секаква поддршка и помош за настраданите.
„Куманово денеска е заедно со семејствата Алиѓи и Сакипи. Истрагата треба да ги открие причините за трагедијата и да излезат со точни информации. Користам прилика да изразам сочуство за двете семејства бидејќи станува збор за случај каде наши сограѓани ги изгубија животите. Изразувам поддршка за семејствата, а на повредените им посакувам да го надминат ова со сила. Им порачам дека сите ние кумановчани, без разлика на национална и религиска припадност, сме со нив и ќе ги поддржиме институционално и неиституционално, и на секаков можен начин”, рече Димитриевски.
Сочуство изразија со кратки говори и другите кординатори и советници од сите партии претставени во Советот на Општина Куманово.
Претседавачката на Советот, Атина Мургашанска, во неофицијален разговор со новинарите рече дека заради прогласените избори не може да се донесе одлука за директна финансиска помош, но ќе се најдат други алтернативи за помош на семејствата.
А. Зеќири