Иако не е прогласена пандемија, ниту пак вонредна состојба, народот реши да се обезбеди со резерви за апокалипса, оставајќи ги празни маркетите и аптеките.
Превенцијата против корона вирусот, како и против било кој грип, вклучува: одржување лична хигиена (редовно миење раце), држење дистанца од лица со можно сезонско заболување (плунката од кивање може да достигне и до 8 метри), често конзумирање топли напитоци (короната не е отпорна на високи температури), но може да опстои на метална површина и до 5 часа.
Затоа, следете ги насоките кои доаѓаат од официјални извори како МЗ и СЗО. Користете хируршка маска, но наместете ја убаво, мијте ги рацете редовно со 20 секунди со обичен или антибактериски сапун, избегнувајте допирање на лицето (очи, уста, нос), и ако можете, конзумирајте алкохол. Не кивајте и не кашлајте во отворена дланка, туку во превиткан лакт. Веќе се подразбира и не мора да се нагласува дека крајно неодговорно е да се патува на места во кои е активен вирусот, освен ако тоа не е некоја неодложна обврска. Исто така, облеката која сте ја носеле надвор ставајте ја за перење штом стигнете дома.
Моментално инфицирани се близу 82.600 луѓе низ светот, од кои 2.814 биле фатални, а излечени се скоро 33.400. Ова укажува дека смртноста од овој вирус е скоро 2%, и тоа строго кај лица во поодминати години кои веќе имаат некоја друга дијагноза која подоцна прави компликации.
Првичните симптоми се треска и висока температура, тешкотии при дишење, воспаление на грло и подоцна на бели дробови. Она што можете да го направите, е да ги третирате симптомите со топли напитоци како не би се проширило воспалението кон белите дробови, да избегнувате јавни собири и затворени простории без природен доток на воздух. Интересно за корона вирусот е што во симптоми не го вклучува растечениот нос, кој е синонимен со сезонскиот грип.
Во вакви моменти најмалку е потребно да се паничи, посебно кај нас, бидеќи имаме само еден случај кој е во карантин, како и сопатниците со кои делел превоз кон Скопје.
А. Н. С.